Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и во натамошниот период ќе ја поддржува Народната банка во нејзините активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија, коишто овозможуваат значајни придобивки за населението на долг рок. Оттука, ЕФСЕ со задоволство иницира вклучување на Народната банка и во циклусот на стратегиско планирање на Фондот, за да се овозможи соодветна поддршка за широката лепеза иницијативи коишто ги има Народната банка.
Ова го истакна претседателот на Одборот на директори на ЕФСЕ, Клаус Милер, на работниот состанок со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Како што стои во соопштението на НБРМ, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека е исклучително значајно што во досегашниот период ЕФСЕ успешно ги поддржува активностите на Народната банка во две значајни области коишто меѓусебно се надополнуваат. Имено, поголемиот дел од проектите коишто се поддржани од ЕФСЕ се во доменот на финансиската едукација. Меѓу другото, тие опфаќаат изработка на едукативни материјали, вклучително и публикации и видеоматеријали за финансиско образование на сите возрасни структури на населението. Со поддршка од ЕФСЕ се спроведе и мерењето на нивото на финансиската писменост на возрасното население во нашата земја, коешто даде насоки за соодветно осмислување на натамошните активности, вклучувајќи ја и изработката на првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Како што беше истакнато на состанокот, со проектите поддржани од ЕФСЕ, Народната банка создава услови за зголемување на знаењата и разбирањето на финансиските производи од страна на населението, што е и значаен предуслов за поголема финансиска вклученост, како и за подобро користење на погодностите коишто ги нуди финтек-индустријата. Како резултат на подршката во финтек-сферата, неодамна беше направена сеопфатна анализа / анкета за финтек-индустријата.
ЕФСЕ е формиран од Германската банка за развој (KfW), со финансиска поддршка од Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и Европската комисија. Неговата структура е јавно приватно партнерство, поради што се истакнува како модел со меѓународна улога и иновативна развојна политика. Овој организациски модел му овозможува на ЕФСЕ да мобилизира средства од приватни институционални инвеститори и да служи како платформа за координација на донаторските активности во регионот на Југоисточна Европа. ЕФСЕ промовира одговорен развој на финансискиот сектор во целните земји на ЕФСЕ.