Македонија заостанува во спроведувањето на препораките на Европската унија поврзани со складирањето на државните нафтени резерви, се вели во последниот извештај на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) за имплементацијата на енергетските европски директиви.
Во извештајот се наведува дека изменетиот Закон за задолжителни нафтени резерви, кој требало да стапи во сила уште во 2014 година, бил секоја година одложуван од претходната власт, која одржувала статус кво, наспроти директивите на ЕУ. По последното одложување пред две години, измените во законот стапуваат во сила од 1 јануари 2018 година.
„Иако Законот од 2014 година претставува извесен напредок, неговото неспроведување и недонесувањето на подзаконските акти е неоправдано. Позаконската легислатива критична, а имајќи го предвид стратешкото значење на системот за итни резерви, конечната одлука е на Владата“ се вели во извештајот на ЕЕЗ.
Државните нафтени резерви во земјава ги складира компанијата Макпетрол, која во повеќе наврати изминативе години реагираше дека државата ја принудува да продолжи бесплатно да ја врши оваа услуга и да ги сноси трошоците, иако чувањето на нафтените резерви секаде во светот е комерцијална услуга за која цените ги одредува пазарот.
За да се балансира ефектот од слабата компензација во изминатиот перод и да се поттикнат компаниите да учествуваат во складирањето на државните резерви, ЕЕЗ сега препорачува промена на целокупниот систем во земјава, кој би се одвивал со посебни договори поврзани со количествата нафта и деривати кои веќе се складирани. Ова, според ЕЕЗ, треба да ја сочинува основата на системот, во кој дополнителни количества би биле додадени за да се стигне до резерви за 90-дневни потреби од нафта и деривати.
Според ЕЕЗ, главните приоритети за Владата во врска со ова прашање се: изработка на акциски план за утврдување на државните резерви, финализација на подзаконските акти во согласност со директивите на ЕУ, одлука за структурата на резервите и количествата за следната година, нови акти со кои ќе се утврдува начинот на кој се одредува количеството и надоместокот за складирање на државните резерви, ЕЕЗ и изминативе години реагираше за неисполнувањето на европските директиви во енергетскиот сектор, чија имплементација е еден од условите за отпочнување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија.