Меѓу 100-те најпрофитабилни фирми во 2013 година во Србија според Агенцијата за економски регистри, е и фирмата ТС Империјал клиринг хаус, со 184 милијарди динари капитал во дијаманти, објави денешна Политика.
Нафтената индустрија на Србија е најголемо српско претпријатие по нето профит, но најмногу интерес на новинарите беше за фирмата ТС Империјал која има капитал од 1,5 милијарди евра и во неа нема ниту еден вработен.
– Таа фирма е регистрирана во Белград, нема ниту еден вработен ниту има искажани приходи, изјави Ружица Стаменковиќ од Агенцијата за економски регистри.
– Тоа е мало друштво и неговиот капитал што го доведе на четвртото место е всушност основачки капитал. Тоа друштво не прикажува активност, работи без вработени и нема наведени приходи, тврди таа.
Фирмата е регистрирана за извршување финансиски услуги, но Стаменковиќ не можеше да укаже со што се занимава фирмата.
Со детален увид во податоците за регистрација на таа фирма, се гледа дека тој огромен капитал потекнува од злато и дијаманти. Самата фирма е основана со капитал од 500 евра, како и секоја друга фирма во Србија.
Мнозинскиот капитал – 80 отсто се на ТС Тристар империјал интернационал кредит институт од Кипар, а 20 отсто се на домашно физичко лице, објави Политика.