Донесени насоки за банките и штедилниците за поголема транспарентност и стандардизација при објавување информации

Од:

Поголема транспарентност и достапност на податоците за банкарските производи за граѓаните, а со тоа и поголема заштита на потрошувачите, се предвидува со Насоките коишто беа донесени вчера, за содржината, обликот и начинот на објавување на податоците за најрепрезентативните кредитни и депозитни производи на банките и штедилниците за физички лица. Насоките беа потпишани од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Македонска банкарска асоцијација (МБА), Маја Стевкова-Штериева.

Како што информира денеска НБ, насоките ќе почнат да се применуваат од банките и штедилниците од почетокот на август.

Од Централната банка соопштуваат дека потпишувањето на овој документ во доменот на банкарскиот сектор е прв и значаен чекор од спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто неодамна беше усвоена од страна на финансиските регулатори. Имено, во Стратегијата, во рамки на делот за финансиска инклузија е предвидено зголемување на транспарентноста во работењето и објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на приватниот финансиски сектор, вклучително и стандардизација на објавените податоци за ист вид услуга.

-Преку спроведувањето на Насоките, коишто ги потпишавме со МБА, банките и штедилниците ќе почнат да ги објавуваат податоците за одделните банкарски производи во една стандардизирана форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, споредливост на производите и воедно, поголема информираност на граѓаните. На овој начин, дејствуваме кон поголема заштита на потрошувачите, како и нивна едукација за одделни видови кредитни и депозитни производи, што ќе придонесе кон издржани одлуки за избор на производи коишто најдобро им одговараат на потребите на физичките лица, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Претседателката на МБА Стевкоа Штериева, пак, укажа дека банките и штедилниците коишто се членки на Македонската банкарска асоцијација се транспарентни економски субјекти коишто редовно објавуваат податоци за своето работење. Со воспоставувањето стандардизиран пристап при објавувањето информации за депозитните и кредитните производи за населението, во согласност со Насоките коишто ги потпишавме, ќе се придонесе за уште поголема транспарентност и најважно, полесна споредливост на банкарските производи, рече Стевкова Штериева.

НБ прецизира дека со Насоките се пропишуваат формата, начинот и податоците коишто се објавуваат за банкарските производи за населението, одделно, од страна на секоја банка и штедилница за нивните производи. Предвидено е условите да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш во тримесечјето.

Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации (како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други). Следствено, укажуваат од централната банка, објавените податоци треба да овозможат подобар увид во понудените услови од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветен производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска – Сера: Транспарентноста на Народната банка е основа за кредибилност на политиките и макроекономската стабилност

Ана Ололовска

Митреска: Монетарната политика е еден од столбовите на закрепнување на економијата

Ана Ололовска

Народна банка: Годишен раст на депозитите од 9,9 проценти и на кредитите од 6,4 отсто

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Корона-кризата повеќе ги погоди жените, нагласувајќи ја потребата од засилени активности за родова рамноправност

Ана Ололовска

НБ: Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 проценти

Ана Ололовска

До утре пријавување за учество на 40. сесија на Клубот на истражувачи на Народната банка

Ана Ололовска