Двојните аршини околу онлајн обложувањето фрлаат сериозна сенка врз вистинските намери зад новиот предлог-закон за игри на среќа. Додека изминатава година се стегаше обрачот околу онлајн сајтовите што приредуваат игри на среќа преку нивно целосно забранување на територијата на Македонија, државната платформа „Мегавин“ продолжи непречено да функционира, отворајќи сомнежи дека крајната цел не е искоренување на коцкањето, туку чистење на пазарот за само еден играч – државата.
Предлагачите на законот постојано повторуваат дека сакаат да ги тргнат децата од пороците и од мобилните телефони. Сепак, со новиот предлог-закон државата си го зема ексклузивното право целосно да го преземе приредувањето на игри на среќа преку интернет. Тезата дека ова се прави за заштита паѓа во вода токму тука. Добро е познато дека во интернет просторот не постои строга физичка контрола и задолжително покажување лична карта пред вработен, каква што е секојдневната практика на вратите во легалните објекти за игри на среќа.
Предлог-законот за игри на среќа и за забавните игри се претставува како мерка за заштита на младите и воведување ред во општеството. Но, се погледне реалноста на терен, станува јасно дека зад ова се кријат моќни политички и бизнис интереси. Намерата е едноставна: да се жртвуваат десетици илјади работни места во легалниот сектор на игрите на среќа, со цел да се префрли целата контрола врз оваа индустрија во еден единствен центар.
Вистинското прашање е кој ќе ја преземе одговорноста кога над 10.000 луѓе ќе останат на улица, додека капиталот, наместо во буџетот, ќе завршува во нелегални играчници и во строго контролирани монополи? Ова не е закон за заштита на општеството, туку класичен пример за прераспределба на моќта и пазарот преку институционална сила.
Колку е опасна оваа политика на затворање на легалниот систем, најдобро покажува примерот со соседна Албанија. Деновиве таму повторно гледаме масовни полициски акции (како акцијата „Fair Play“) во кои се апсат луѓе за нелегално онлајн обложување по угостителски објекти и се запленува огнено оружје.
Вакво слично сценарио може да се повтори и во Македонија, бидејќи кога државата ќе ги забрани или драстично ќе ги ограничи игрите на среќа, играњето не престанува. Тоа само се сели во темните подруми и на небезбедни канали. Кога ќе се затворат легалните објекти кои работат според строги правила, играчите и малолетниците завршуваат во сивата зона која е под контрола на криминалното подземје.
Сметката за ваквиот закон нема да ја платат политичарите, туку повеќе од 10.000 работници кои ќе останат на улица. Реалноста е дека со овој потег воопшто не се штитат граѓаните. Напротив, државата само си го чисти теренот за да воведе свој монопол, свесно оставајќи широк простор за развој на црниот пазар. Ова тешко може да се нарече европска регулација, бидејќи многу повеќе наликува на грубо преземање на еден легален бизнис преку институционален притисок.
