Македонија е земјата каде што е погрешно да си „богаташ“ ако приватно и чесно заработуваш 1000 евра и за казна треба дополнително да те оданочат, ама е истовремено нормално да земаш илјадници евра за патни трошоци, плус државна плата од 1500 евра.
Вака изгледаат негодувањата на граѓаните на социјалните мрежи по најавите дека и физичките лица кои оствариле годишен приход од над 1 милион денари годишно, ќе станат даночни обврзници.
Граѓаните по социјалните мрежи бурно реагираа на оваа одредба и на фактот што УЈП соопштението за регистрирање како ДДВ обврзник за граѓани го објави на само четири дена пред истекот на рокот на нивниот веб сајт.
По социјалните мрежи можеа да се забележат коментари дека со наплаќањето ДДВ од физички лица, ќе се стимулира црната економија и дека ова ќе придонесе за понатамошно иселување на младите лица.
Најпогодени од оваа мерка ќе бидат граѓаните кои заработуваат преку интернет и хонорарците, а незадоволството искажано на социјалните мрежи беше во насока на тоа дека луѓето кои заработиле плата, што во Европа е под просекот, кај нас се сметаат за најбогати 1 отсто, додека функционерите на плаќаат ништо за далеку поголеми суми по однос на патни трошоци и си делат дополнителни плати.
Реакциите на граѓаните се во насока дека со плаќањето на 18 отсто ДДВ и плус најавата за воведување на прогресивно оданочување ќе дојде до зголемување на цените на услугите и производите, како и до намалена конкурентност на македонските фриленсери на глобалниот пазар.
Вчера на прес-конференција реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Зоран Заев ветуваше дека кога ќе се врател животот, тие ќе враќале на крајот на годината до 30 000 денари на четиричлено семејство, а сега животот донесе двојно оданочување на оние кои макотрпно се трудат со своето знаење да заработат нешто повеќе за себе и семејството, рече Слободанка Алексовска.
Во 2016 година, додека СДСМ беше во опозција, најавуваа дека по доаѓањето на власт ќе го кренат прагот на ДДВ на 2 милиони денари за да се ослободеле граѓаните од наметнатите давачки од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ најавуваа дека со нивното доаѓање на власт ќе ги вратат парите на граѓаните, меѓутоа во првата година од нивното доаѓање на власт го зголемија државниот буџет и воведоа нови давачки за граѓаните.
Советникот во министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ објасни дека оваа одредба е донесена со законот за ДДВ, уште во 1999 година, меѓутоа дека досега не се спроведувала. Сега за прв пат ја спроведува токму СДСМ.
Според него, 1 милион денари, односно 16 илјади евра на годишно ниво е месечно примање од околу 1.400 евра, со што граѓаните кои заработуваат толкава сума, спаѓаат во групата на најбогатите 1 отсто во Македонија. Јовановиќ објаснува дека со тоа се оданочуваат најбогатите, а не сиромашните и мнозинството.