На 40. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка што ќе се одржи задутре преку видеоконференциска врска ќе бидат презентирани трудовите: „Продуктивност и излез на фирмите за време на ковид-19: Анализа од повеќе земји“, од Силвија Муци, Филип Јолевски, Кохеи Уеда и Доменико Виганола и „Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија“, од Александар Костадинов. По презентирањето на трудовите e предвидена дискусија.
Народната банка потсетува дека е објавен повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата да се пријават на е-адресата: [email protected], најдоцна до утре – 15 септември 2021 година (среда).
-Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето, наведува НБ во соопштение.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.
Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.