ВМРО-ДПМНЕ смета дека ребалансот на Буџетот кој е во процедура на разгледување во Собранието на Република Македонија е целосно неразвоен концепт на ребаланс на Буџетот, непродуктивен и ќе го забави развојот на економијата, односно ќе предизвика нејзина целосна стагнација.
Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека за жал овој Буџет ги крати капиталните расходи, но ги зголемува трошоците за плати спрема државната и јавна администрација.
– СДСМ е политичка партија која што е позната по лошите економски политики во минатото. Поради тие политики СДСМ остави преку 200 илјади граѓани на улица и преку 600 фабрики и фирми кои беа затворени и се продуцираше најголемата стапка на невработеност од 38 проценти, рече Димовски.
Тој смета дека за да се санираат тие наследени штети од владеењето на СДСМ на Македонија и требаа 10 години и оти преку спроведување огромен број проекти и реформи од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години се креираа 174.000 нови работни места и се намали стапката на невработеност на рекордни 22,9 проценти.
Според него, со првиот ребаланс на Буџетот кој што го предлага СДСМ уште еднаш покажуваат и докажуваат дека тие воопшто не ја разбираат економијата. Не разбираат, вели, како да се продуцираат позитивни економски резултати.
За Илија Димовски предложениот ребаланс е неразвоен Буџет кој што ќе ја врати економијата назад. – Лош е за граѓаните, лош е за фирмите, лош е за странските инвеститори, лош е за домашното стопанство, лош е за пензионерите, лош е за примателите на социјална помош, лош е за градежништвото, лош е за студентите и младите лица, генерално нема да продуцира никаков позитивен развој. Со овој ребаланс на Буџетот сите ветувања што СДСМ ги даваше пред да дојде на власт се докажаа дека биле лажни. Целата кампања која што ја водеше СДСМ се докажа дека е лажна, рече Димовски.
Тој додаде дека СДСМ 10 години критикувала за висок проектиран и остварен дефицит, а сега кога првпат имаат шанса да дејствуваат во таа насока наместо да ја искористат оваа состојба тие повторно проектираат буџетски дефицит од 2,9 отсто.
Димовски наведе повеќе ставки каде реално се крати наспроти, како што рече, лажната пропаганда која ја шири МФ и одредени медиуми дека се кратело на луксуз и на непотребни расходи.
Меѓу нив напомена 23.600.000 денари помалку за Секретаријат за европски прашања, 21.000.000 денари помалку за Секретаријат за спроведување на рамковниот договор, 676.000.000 денари помалку за опремување и модернизација во АРМ, 60.000.000 денари помалку за реформи во полицијата, 34.950.000 денари помалку за развој на туризмот, 23.000.000 денари помалку за промоција и поддршка на туризмот…
Според него ова е вистинското кратење во Буџетот на Република Македонија од многу суштински и значајни сфери.
ВМРО-ДПМНЕ посочи дека има поднесено 706 амандмани од кои што првиот пакет околу 40 амандмани се однесуваат на проекти кои што ги ветиле во изборите и се дел од нивната програма да се обезбеди финансирање и реализација. – Такви се проектите кои што предвидуваат финансиски средства за проектите рурални развојни зони, жртви на транзицијата, дополнителни средстав на проектите Купи куќа за млади и Купи куќа, купи стан, бараме да се обезбедат пари за поддршка за претпријатија од преработувачката индустрија, за субвенции за систем Капка по капка, за стипендии за средношколците, финансиски средства за отпочнување на првата фаза од автопатот Кичево-Гостивар, субвенции на печки на пелети, гасификација на Скопје, магистрален гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, магистрален гасовод од Битола-Ресен-Охрид-Струга, обиколница Велес, ваучери за ИТ опрема за студенти, како и многу други големи и важни проекти за граѓаните, рече Димовски.
Вториот пакет, додаде, се однесува на амандмани поднесени од нашите пратеници, изградба и довршување на многу проекти што значат канализациски системи, водоводни системи, нови училишта, нови градинки, локални и регионални патишта, игралишта итн.
Димовски посочи дека третиот пакет од околу 300 амандмани се оние што минатите години ги поднесувал СДСМ. – Амандмани кои што СДСМ ги поднесуваше, а оваа година заборави да ги инкорпорира во ребалансот на Буџетот и заборави да поднесе амандмани односно бројот на амандмани од СДСМ е нула, им помагаме онака како што самите побараа. Ние ги земавме тие амандмани поднесени од СДСМ, ние ги потпишавме, и ги пуштивме во процедура. Она за што зборуваше СДСМ до лани и што гласаше до лани, и оваа година ќе има шанса да го гласа. Ако биле искрени до лани, ги гласале, ги бранеле, ги образложувале тие амандмани, оваа година ќе треба од првиот до последниот сите 300 амандмани да ги изгласаат заради тоа што имаат мнозинство во Комисијата за финансирање и буџет. Доколку не го направат тоа сами без да треба ние да им кажеме ќе докажат дека се што досега правеле било пропаганда, лага и измислица односно сите тие ветувања што ги давале на граѓаните биле само како ден побрзо да допрат до власт, рече Димовски.