Дијалог меѓу работодавачите и синдикатите за побезбедни работни места

Од:

Бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа меѓу синдикатите и работодавачите во Македонија не е доволно развиен и потребно е негово интензивирање бидејќи голем дел од прашањата поврзани со безбедноста и заштитата на работното место се решливи на ниво на компании, беше истакнато на денешната дебата што ја организира Македонското здружение за заштита при работа во соработка со Сојузот на синдикати на Македонија.

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски смета дека најважно е да се изгради култура на превентивно делување, односно да се сфати дека здрав работник е бенефит за секоја компанија.

– Проблемите кои предизвикуваат луѓето да се повредуваат на работното место нема да ги решиме доколку не тргнеме од себеси и не ја смениме културата на превентивно делување. Кога станува збор за работодавачите, тие треба да сфатат дека безбедните работни места им одат во полза бидејќи кога некој работник ќе се повреди, е на нивна штета. Безбеден и здрав работник има искуство и вештини и за релативно кратко време може да направи подобар производ, а кога ќе донесете некој нов, кој треба да го замени оној којшто се повредил, му треба повеќе време да се вклучи во процесот на работа, истакна Петковски.

Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, важно е да се зголеми улогата на лицата задолжени за безбедноста и здравјето при работа во самите компании бидејќи тие се непосредно запознаени со сите ризици за настанување на несреќите на работното место.

– Не верувам дека компаниите во Македонија не ги оствариле законските обврски во однос на Законот за безбедност и здравје при работа во делот на изготвувањето на проценката на ризик, законските прегледи на работниците, обуките за здравје и безбедност при работа, но, за жал остварувањето на законот бара негова примена на ниво на работно место, во фабричките хали, градилиштата и на нивите каде имаме огромен број на несреќи. Важно е да видиме како да ја зголемиме улогата и значењето на стручните лица во компаниите и на претставниците на работниците бидејќи тие секојдневно се во контакт со сите ризици од настанување на одредени несреќи, нагласи Димитров.

Тој смета дека доколку ова не се оствари, тогаш Законот за безбедност и здравје при работа не може да ги даде резултатите коишто се очекуваат од него.

И за претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски важно е заедничкото делување на социјалните партнери за да се обезбедат работни места сигурни за работниците и да се намали бројот на несреќи на работното место.

– Ништо не може да биде реализирано и остварено доколку сите заеднички не се фокусираат на спроведувањето на законот. Само преку содејство на сите социјални партнери може да направиме атмосфера на драстично поттикнување на безбедноста и здравјето при работа, нагласи Митревски.

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година, а со неговите измени е зајакната улогата на претседателот на синдикатот кој најмалку двапати годишно треба да врши контрола на работните места и да биде информиран за сите видови повреди на работното место.

Би можело да ве интересира

Трговците се алчни, прво ги зголемија, па ги намалија цените за да им остане истиот профит обвинува ССМ

Се повеќе пари се трошат на храна, минималната кошница за октомври 1000 евра

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Горан Наумовски

ССМ очекува благо зголемување на минималната синдикална кошничка

Горан Наумовски

ССМ: Борбата за раст на платите не е политичка