Од 2.000 испитани производи, секој седми е неисправно деклариран. Проблемот е во тоа што несовесните производители не се казнуваат. Најавено е усвојување на нов правилник за декларирање на производи кои треба да ја воведат во ред состојбата на пазарот. Здруженијата за заштита на потрошувачите предупредуваат дека голем проблем е тоа што многу производи имаат неисправна декларација.
Запознавањето со производот некогаш умее да го изнервира потрошувачот, кој често мора да се помачи за да ги добие основните информации за артиклот што сака да го купи. Многу потрошувачи велат дека на производите најчесто го гледаат рокот на траење. На тие кои го гледаат составот на производот им пречат многу малите букви.
– Мора човек да земе лупа за да прочита – вели еден сограѓанин.
Зад измамите стојат и лаги на производителите. Сликата на пакувањата често нема врска со производот внатре.
– Тоа најмногу се исплатува на производителите бидејќи користат моментално актуелни работи, популарни работи, она што потрошувачот го наведува нешто да купи. На пример, имате чај од брусница, имате слика од брусница, се е во форма на брусница, а имате само три отсто арома на брусница во тој чај, значи нема ни траг од брусница – рече Горан Паповиќ од Националната организација на потрошувачи на Србија.
Иако Правилникот за декларирање на пакувани производи е усвоен кон крајот на минатата година, се подготвува нов кој ќе биде усогласен со регулативата на Европската унија. Тој ќе овозможи на потрошувачот брзо да дојде до информации кои за него се најважни.
– Ќе се зголеми фонтот, така нема да има проблеми кај постарото население. Алергиските изјави се новост во тој нов правилник, тоа порано не се користеше, едноставно луѓето ќе бидат упатени. Нутритивните својства, изворот на витамини и уште некои специфичности – рече Маја Анокиќ од Центарот за заштита на потрошувачите.
Новост е и барањето кое Здруженијата на потрошувачи ќе го упатат до надлежните органи, а тоа е сите неисправно декларирани производи да бидат повлечени од пазарот.
Заштитниците на потрошувачите велат дека ни постоечката правна рамка не е лоша, но дека проблемот како по обичај настанува во примена на прописите. Согласни се дека ниту еден правилник нема многу да помогне, ако пазарната и земјоделската инспекција не спроведе ефикасна контрола и казни за несовесните производители и трговци.
РТС – Белград