– Србија е далеку од банкрот, но економската состојба е тешка и тоа никој не го сокрива. Планот на мерките мора да биде долгорочен и да се однесува на идните 10 години. Платите и пензиите не треба да се намалуваат-истакна премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, кој присуствуваше на поставување камен темелник за изградба на руската фабрика „Норт картон“ од Волгоград, во која ќе се вработат 200 лица во Јагодина.
– Добро е што паѓа дожд, бидејќи според руското верување тоа е одличен знак. Ова што го правиме мора да биде пример за цела Србија, а на нас оваа инвестиција ни е многу важна. Србија мора да стане мост на инвеститорите, а како што започна Јагодина, мислам дека нема да има доволно работна сила овде-нагласи тој.
Според зборовите на претседателот на собранието во Јагодина, Драган Марковиќ Палма површината на производствениот дел во фабриката ќе изнесува 15.000 квадратни метри, а почетната инвестиција е 15 милиони евра.
Сопственикот на „Норт картон“, Владимит Словохотов, вели дека фирмата за картонска амбалажа ќе пакува производи од Србија за странство.
Елена Георгиевска