Централниот регистар на Република Северна Македонија го пушти во употреба новиот веб портал.
Како што посочуваат од Централниот регистар, концептот на порталот е внимателно дизајниран да се прилагоди на потребите како на професионалните корисници (адвокати, нотари, сметководители, комори, новинари, општини) така и на потребите на деловната заедница и граѓаните како корисници на услугите.
На Новиот, современ мултијазичен портал на услугите на ЦРРСМ, кој обезбедува структурирано и стандардизирано организирање на информативните податоци за услугите на институцијата, корисниците можат да пристапат едноставно и интуитивно, брзо, и без никакви потешкотии при пронаоѓање на потребните системи и услуги, појаснуваат од Регистарот.
Услугата „Основен профил на регистриран субјект“ има за цел да и овозможи на јавноста основен преглед на јавните податоци кои ги администрира ЦРРСМ, а кои се однесуваат на основната регистрација на субјектите. Со ова Централниот Регистар ќе ги исполни и барањата на јавноста за транспарентност и достапност на одреден сет податоци за деловните субјекти но и задолженијата согласно програмата за Отворено Владино Партнерство.
Во листата на субјекти кои се резултат од иницијалното пребарување, корисникот ќе може да одбере конкретен субјект и ќе може да ги види следните податоци за одбраниот субјект: ЕМБС; ЕДБ; целосен назив; скратен назив; датум на основање; правна форма; правен статус; адреса; дополнителни информации (во стечај/во ликвидација); претежна дејност и големина.
Истовремено со ова се врши и усогласување на Централниот регистар со најновата Директива на ЕУ за примена на дигитални алатки и дигитални процеси во трговското право во поглед на отворање на основните податоци за правните лица.
Услугата „Последни објави од Едношалтерски систем и Регистар на дисквалификувани субјекти“ има за цел да и овозможи на јавноста преглед на последните промени во овие 2 регистра, што претставува законска обврска на ЦРРСМ.
Услугата „Статистички билтен“ има за цел да понуди преглед на низа сумарни, макроекономски податоци од регистрите кои ги управува ЦРРСМ кои ја одразуваат генералната економска клима на државата.
Сите статистички филтри се имплементирани да даваат податоци на ниво на целата држава, како и на ниво на секој статистички регион одделно.
Дополнително, секој подносител во системите ја има можноста да го следи статусот на обработка на предметот за кој е поднесена пријава, преку услугата Статус на обработка на предмет.
Интегрален дел од овој проект преставува и имплементацијата на Заедничката платформа за отпочнување бизнис преку интеграција на системите на ЦРРСМ, УЈП и АВРСМ, преку која се овозможија и нови услуги во функција на олеснување влез во бизнисот и тоа доброволната регистрација на субјектите (трговски друштва) како ДДВ обврзници при Управата за јавни приходи при самиот упис на основање и доброволното пријавување на овластеното лице за застапување (застапникот по закон) во задолжително социјално осигурување (АВРСМ).
-Со ова го заокруживме проектот Заедничка платформа за отпочнување бизнис, и започнуваме ново поглавје за македонското стопанство, кое се надеваме дека ќе биде валоризирано во следниот извештај на Светска банка во поглед на рангирањето на земјата, а со тоа ќе се даде и дополнителен стимул и импулс во привлекувањето нови инвестиции кои се од насушна важност за нашето стопанство, посочуваат од Централниот регистар.
Централниот регистар останува на располагање и е достапен за било какви прашања преку контакт формите за техничка помош, маркетинг и рекламации и будно ќе ги следи потребите на сите граѓани и во иднина. Со новиот портал отвораме и дополнителен директен електронски канал за комуникација со нашите клиенти и партнери бидејќи нивните потреби и нивната критика е тоа кое дава правец на нашиот развој.
Во однос на дизајнот на порталот, заедно со неговата организација и видливост на податоците кои ги содржи, се конструирани со цел да обезбедат што е можно поедноставно пронаоѓање и користење на услугите од страна на корисниците на ЦРРСМ.
Од регистарот посочуваат дека водејќи се од барањата за овој проект, сугестиите кои беа прифатени, стратегијата за воспоставување на ЕТК, како и стратегијата за развој на институцијата во периодот 2018-2022 отвораме едно ново поглавје во административното работење – Современ, дигитален кориснички пристап, преку нов, сервисен модел на веб портал.
Паралелено, сите основни системи со кои раководи Централниот Регистар се усогласени со новиот дизајн и корпоративен идентитет, но заради обезбедување на максимална расположливост и функционалност на системите за поднесување на пријави за упис во регистрите, нивното пуштање во работа со нов интерфејс усогласен со дизајнот на новиот портал ќе се одвива фазно во периодот што следи.