Цените на нафтата на светските берзи денеска паднаа на најниско ниво во последните шест години, во момент кога аналитичарите очекуваат нов раст на резервите на суровата нафта во САД.
Американската „лесна“ нафта на Њујоршката берза поевтини за 83 центи на 42,63 долари, што е нејзина најниска вредност од март 2009 година, додека цената на северноморскиот „брент“ на Берзата во Лондон се намали за 14 центи на 53,37 долари за барел.
Според аналитичарот на сиднејската фирма „Фет профитс“, Дејвид Ленокс ваквиот пад на цените на нафтата се должи на очекуваниот раст на американските нафтени резерви.
– Очекуваме ново зголемување на резервите на нафта во САД, што ќе ја зголеми загриженоста поради големите залихи ширум светот, истакна Ленокс.
Нафтните резерви во САД бележат раст девет недели по ред, секогаш достигнувајќи нов рекорд, што придонесува за пад на цените на нафтата, кои од јуни минатата година па до крајот на јануари оваа година се намалиле за околу 60 отсто.