Цената на сировата нафтата се спушти и денеска на светските берзи како последица на се помалата загриженост на трговците за снабдувањето и покрај новата екслација на насилство во Либија.
Цената на барел нафта Брент Бленд во Лондон падна за 59 центи, на 106,39 долари, и се движи на најниско ниво за последните три месеци. На американската берза барелот поевтини за 27 центи на 100,64 долари.
Либиската полиција го гранатираше аеродомот во Триполи, уништувајќи 90 отсто од паркираните авиони. Обновените борби помеѓу вооружените групи ги поттикнаа Обединетите нации да го повлечат песоналот од северноафриканската држава.
„Почетниот оптимизам за враќање на Либија на светскиот нафтен пазар избледува, а расте загриженост поради насилството во Триполи. Но, се уште од Либија пристигнува малку повеќе нафта во однос од пред неколку недели“, рече Ричард Малинсон, аналитичар во лондонската компанија Energy Aspects.
Новиот бран насилства изби во време кога производството на нафта во Либија се искачи на речиси 500.000 барели дневно.
Состојбата со Либија е променлива, но клучна работа е дека има доволно залиха во светот, особено во САД, рече Бил Хјубард, главен економист во Markets.
Намалената активност на рафинериите и слабата побарувачка од Кина исто така ја намалија потрошувачката за сурова нафта.
Инвеститорите сега ја чекаат објавата за залихите во САД, најголем светски потрошувач. Аналитичарите очекуваат дека податоците ќе покажат пад на залихите на сирова нафта за 2 милиони барели во неделата до 11 јули.
Пазарот ги очекува и јунските макроекономски податоци од Кина, а се следи и развојот на ситуацијата во Иран и Украина.