Вицепремиерот за економски прашања Мила Царовска денеска се обрати на „Zoom“ конференција на Македонската платформата против сиромаштија (МППС), по повод 10 години од постоењето на оваа организација.
Царовска, како што соопштија од нејзиниот кабинет, истакна дека во изминатата деценија е направено многу во борбата против сиромаштијата и цело време се залагаше за воведување на гарантираниот минимален приход.
– Сега имаме реформиран социјален систем и 27 илјади семејства кои земаат за 300 пати повисока социјална помош. Активно работиме на намалување на сиромаштијата и преку јакнење на најранливите и вложување во нив, ги активираме на пазарот на трудот, бидејќи само преку вработување можеме да ги извлечеме од сиромаштија, рече Царовска, која беше и прва претседателка на МППС.
Царовска ги повика граѓанските активисти да продолжат со посветена работа и целосна вклученост во сите процеси на државата.
– Сакам да ги поттикнам сите граѓански организации да веруваат во она што го работат и со постојана соработка со институциите сите заеднички да создадеме подобрување на правата и условите за живот на граѓаните, потенцираше вицепремиерот за економски прашања Мила Царовска.