Соработката меѓу царински служби на Македонија и Албанија е на високо ниво, двете царински управи соработуваат во имплементацијата на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА), а понатамошното продлабочувањето на оваа соработка е од интерес за двете држави, но и за целиот регион.
Ова беше констатирано на денешната билатерална средба во Корча меѓу делегации на царинските управи на Република Македонија и Република Албанија, предводени од директорите, Ѓоко Танасоски и Белинда Икономи.
– Состанокот на делегациите се одржа во насока на зајакнување на соработката помеѓу двете земји, воспоставена во рамките на Спогодбата за билатерална царинска соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, соработката во рамките на Договорот за слобдна трговија (ЦЕФТА) како и соработката на граничните премини, велат од Царинската управа на Република Македонија
Делегациите, додаваат, разговараа за повеќе теми од интерес за унапредување на заемната соработка, за понатамошна продлабочена соработка на полето на контролите и истрагите во борбата против царинските измами, како и на забрзувањето на преминувањето на граничните премини.