Царинската управа на Република Македонија, по спроведена сертификациска проверка на исполнетоста на барањата, се стекна со меѓународниот стандард ISO 9001:2015.
Како што информираат оттаму, поседувањето на овој сертификат за Систем за менаџмент со квалитет значи признавање дека сите процеси и постапки кои се спроведуваат во Царинската управа, како и услугите кои ги дава и нуди, се во согласност со барањата на стандардот ISO 9001:2015 и во насока на постојано подобрување на работењето и задоволување на барањата на сите заинтересирани страни.
Инаку, царинската управа во 2013 година се стекна со ISO 9001:2008 сертификат за управување со квалитет. Оттаму додаваат дека постојано ги подобруваат внатрешните процеси во работењето со цел заштита на финансиските интереси на Република Македонија, олеснување на меѓународната трговија со понатамошна модернизација на царинското работење, како и поедноставување на царинските постапки.