Забрзување на постапката на економските оператори и намалување на нивните трошоци во царинските постапки, им вети директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски со новиот систем што ќе почне да функционира од јуни оваа година, а кој ќе креира поефикасна и модерна царинска контрола во согласност со глобалниот развој и дигиталната ера.
-Изминатата година Царинската управа започна ново поглавје во своето работење – беше финализиран развојот на Системот за обработка на царински декларации и акциски документи што ќе го замени досегашниот систем АСИКУДА. Со тоа, сите царинските постапки што досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки. Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително ќе се поедностави работата на царинските службеници, граничните агенциии за сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка и ќе се креаира поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој и дигиталната ера, истакна Танасоски на денешното одбележување 27 години од постоењето на Царината и Денот на Царината.
Оцени дека царината е на вистинскиот пат истакнувајќи дека во годината што измина има раст во наплатата на царинските приходи за 11 проценти.
-Царинската управа по сите основи наплати приходи од 1,43 милијарди евра при што од царина наплатени се 5,6 милијарди денари кои имаат раст од 8,3 проценти, од ДДВ 49,11 милијарди денари и 12,5 отсто раст, од акцизи 28,8 милијарди денари и 9,3 отсто раст, потенцира Танасоски, додавајќи дека ова е резултат на зголемената финансиска дисциплина, соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар….
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези истакна дека Царинската управа во 2018 година со постигнување на овие резултати успешно ја реализира една од нејзините основни функции – зачувување на финансиските интереси на државата.
-Креирањето поволна бизнис-клима е клучно за економскиот развој. Нашата работа е да овозможиме безбеден, праведен и одржлив систем. Тука една од главните улоги ги има Царинската управа, рече Елези и додаде дека заложба на Владата е негување и унапредување на односите со деловната заедница.
Владата ќе продоложи со поддршка на сите инструменти и иницијатива за поддршка на царинската управа, рече премиерот Зоран Заев кој додаде дека треба да се разгледаат сите можности што ги нудат новите дигитални алатки.
– Царината треба да се базира на автоматските процеси за обрабхотка на податоците што треба да придонесе за подобра наплата на приходи, подобра анализа на ризик, подголема безбедност и намалување на ризиците, рече премиерот.
Посочи и на придобивките од воведување на заедничкото царинење на граничните премини.