Танјуг – Белград
Падот на цените на нафтата изминативе неколку години влијаеше на тоа некои американски држави производители на нафта, да паднат во рецесија во 2016 година, соопшти „Стандард и Пурс“.
Од осум американски „нафтени“ држави опфатени со анализата на „Стандард и Пурс“, само две – Монтана и Тексас, успеаја за влакно да ја избегнат рецесијата, благодарение на благото забрзување на стопанскиот раст.
Меѓутоа, шест американски сојузни држави – Аљаска, Луизијана, Ново Мексико, Северна Дакота, Оклахома и Вајоминг, лани западнаа во рецесија, наспроти неодамнешното јакнење на цената на нафтата кое следеше по одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да го намали производството.
– Сериозното намалување на експлоатацијата и производството во изминатите 18 месеци, и нанесе сериозна штета на економијата на државите-производители на нафта, се наведува во извештајот на бонитетната агенција.
Дури и ако цените на нафтата повторно пораснат, производителите, како што оценува „Стандард и Пурс“, веројатно ќе ги обноват инвестициите во производство на нафтата од шкрилци, што ќе изврши притисок на цените на енергенсот.
И покрај последните мали поскапувања на нафтата, цената на „лесната” американска нафта и натаму е двојно пониска во однос на нивото од септември 2013 година, кога еден барел ја надминуваше цената од 110 долари.