Британската банка „Барклис“ годинава укинува 14 илјади работни места

Од:

Една од најголемите британски банки „Барклис“ соопшти денеска дека во оваа година ќе укине 14.000 работни места, што е повеќе од првично најавуваните десет до дванесет илјади.

Од нив, во британските филијали на банката ќе бидат отпуштени 8.000 вработени.

Годинешниве укинувања на работните места се дел од планот за намалување на бројот на вработените за вкупно 19.000 луѓе, предвидено за оваа, како и за следните две години на територијата на Велика Британија и низ филијалите по светот.

Намалувањето на бројот на вработените до 2016 година, треба да предизвика значително прочистување на делот во „потрошувачкото“ банкарство на „Барклис“, како и во инвестицискиот сектор, а сето тоа да биде основа за темелното преуредување на оваа банка.

Менаџментот на банката планира да формира посебна банка во рамките на „Барклис“ која би го зела врз себе „лошиот сектор“ и деловите кои создаваат проблеми, што подоцна би била продадена или згасната. Наместо низ Европа, банката своето потрошувачко работење во иднина ќе го насочи кон Велика Британија, интензивирајќи го секторот со дебитните картички.

Во овој сектор сега се вработени 32.000 лица, само на британска територија и уште 6.000 низ Европа, главно во Шпанија, Франција, Италија и Португалија.

Во странство, банката во иднина ќе се вклучува само на пазари каде „Барклис“ има конкурентска предност, изјави генералниот директор Ентони Џенкинс.

Преуредувањето на инвестициониот сектор на банката, како и на целата компанија, доаѓа по лошите резултати што „Барклис“ ги забележа на почеткот од оваа година.

Во првите три месеци профитот е намален за пет отсто, додека приходните во инвестицискиот сектор се помали за 28 отсто.

Најавените промени и смалувањето на бројот на вработените, предизвика раст на вредноста на акциите на банката на лондонската берза за пет отсто.

Би можело да ве интересира

Познат британски политичар уапсен под сомнение дека силувал деца

Медиуми: Британија и некои земји од ЕУ работат на сопствен одбранбен фонд, одвоено од Брисел

Повеќето Британци сакаат да се вратат во ЕУ

Канада и Британија воведоа санкции кон Белорусија по претседателските избори

Британија ќе го следи рускиот брод во близина на нејзиниот брег

Британскиот адмирал: На чекор сме од нуклеарен армагедон