Нафтената компанија „БП“ бара од британскиот премиер Дејвид Камерон да интервенира околу ескалацијата на висината на отштетата за американските фирми, погодени со излевњето на нафта во Мексиканскиот Залив, во 2012 година, од една од платформите на „БП“.
Компанијата тврди дека нејзината програма за опоравување е доведена во ризик, поради системот на компензација во САД, за кој „БП“ тврди дека во овој случај „се злоупотребува“. Според тврдењето на нафтената компанија, финансиското оптоварување за плаќање на фиктивните, надуени и преувеличани барања за исплата на отштета, може да предизвикаат да биде погодена и „БП“.
Компанијата бара од премиерот Камерон да го покрене ова прашање кај американската администрација и се надева дека за случајот би можело да стане збор и на маргините на јунскиот самит Г8 што се одржува во Северна Ирска.
При експлозијата што во 2012 година се случи на платформата за црпење нафта од морското дно во Мексиканскиот Залив, загинаа 11 работници. По несреќата, во водите на Заливот се излеаја околу четири милиони барели сурова нафта, предизвикувајќи загадување на дел од американскиот брег.
„БП“ веднаш по несреќата определи 7,8 милијарди долари за компензација, но според проценките на компанијата, барањата на Американците сега се многу поголеми.
Оваа компанија, заедно со „Шел“ и норвешката „Стат Оил“ се наоѓаат под истрага од Европската комисија, околу обвинувањето за местење на цената на бензинот.