Меѓузависноста на нашите земји не поттикнува да спроведуваме мерки и политики што ќе го олеснат транспортот и трговијата и ќе ја зголемат регионалната соработка, како предуслов за заеднички пазар, интеграција и членство во Европската Унија, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на Министерскиот Совет кој деновиве се одржува во Скопје.
Тој го потенцираше значењето на регионалната соработка, заедничките проекти и инвестициите за развој на коридорите во насока на забрзана интеграција на регионот и приближување до европските стандарди и крајната цел, членство во Европската Унија.
„Република Северна Македонија има значителен напредок во усогласување на транспортната политика со законодавставото на Европската Унија. Во текот на летото земјава успешно ги заврши билатералните скрининзи со Европската комисија за поглавјата 14 – Транпортна политика и 21 – Транс-европски транспортни мрежи. Силен напредок постигнавме во делот на железничкиот систем каде го донесовме Законот за железнички систем со кој овозможуваме либерализација на железничкиот пазар, забелешка која беше нотирана и во изминатите извештаи на Европската Комисија“ изјави министерот Бочварски.
Дополнително, тој даде и посебен фокус на инвестициите кои државата ги реализира на главните Коридори кои минуваат низ Северна Македонија.
„Во делот на железничкиот Коридор 8 веќе ја градиме првата и втората фаза од источниот дел од Коридорот, делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, инвестиција над 200 милиони евра, а до крајот на годината ќе го распишеме јавниот повик и за третата делница од Крива Паланка до ГП Деве Баир, со што вкупната инвестиција ќе надмине 700 милиони евра. Извршивме рехабилитација на триесеттина километри на пругата Неготино – Ногаевци. Во делот на патната веќе привршуваме со рехабилитација на две делници на Коридорот 10, и тоа од Катланово до Петровец и од Демир Капија до Неготино. Исто така започнавме со изградба и на западниот дел на Коридор 8 до границата со Албанија. Кон исток привршуваме со изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и проширувањето до граничниот премин Деве Баир“ истакна министерот Бочварски.
На Министерскиот Совет свое обраќање имаа и директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, Мона Бјорклунд од Директоратот за транспорт при Европската Комисија и министрите за транспорт и инфраструктура од земјите од Западен Балкан.
Со почит.