Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска присуствуваше на завршниот настан во организација на Транспаренси Интернејшнал Македонија, на кој се дискутираше за законските постапки во делот на градежништвото и урбанизмот.
Во своето обраќање, министерот Бочварски потенцираше дека оваа Влада ја спроведува најтемелната реформа во урбанизмот и градежништвото преку изготвување на нови законски решенија, Закон за урбанистичко планирање и Закон за градење, каде учество земаат сите заинтерерсирани страни, се со цел носење на квалитетна законска регулатива која ќе биде ефикасна на терен.
„Веднаш да потенцирам дека урбанизмот и градењето се долготрајни процеси. Ова со еден удар не можеме го смениме и тоа што денеска го чувстуваме е рефлексија од времето кога преку ноќ се носеа планови.
Би дал еден пример. Урбанистичките планови донесени од 2010-2012-2014 година, најголем дел од нив денес се реализираат. Но, тоа се политиките од тој период со поминати процедури и постапки во тоа време.
Можеби сакаме со една одлука денес да промениме десетици планови, но таа одговорност и тој ризик од долготрајни штетни судски постапки по буџетите на општините, па и државниот буџет, ќе ја платат на крај граѓаните, сите ние.” – истакна министерот Бочварски.
Министерот нагласи дека со новиот Закон за урбанистичко планирање се овозможува транспарентност на постапките и вклученост на граѓните во планирање и изготвување на урбанистичките планови. Дополнително, донесен е Тарифиник за изготвување на урбанистички планови за да не се случува изработка на планови за 1 денар. Исто така во фаза на подготовка е и Тарифник за инжењерски услуги, потенцираше министерот Бочварски.
„Реформските процеси во државата во континуитет ги продолживме за да изградиме здраво општество кое се темели на правда и сигурност за сите чинители во оваа дејност, од граѓаните, институциите, па се до инвеститорите. Ги повикуваме и граѓаните активно да се вклучат како главен коректор, бидејќи со новиот Закон за урбанистичко планирање овозможуваме и тие да партиципираат при планирањето и изработката на урбанистичките планови”, – се обрати министерот Бочварски пред присутните.