Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа прес-конференцијата за овогодинешната исплата на државна помош за инвестиции кон компаниите.
„Поставувањето на Планот за економски раст во 2017 година и неговата реализација и успех во овие 5 години, потврдува дека оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на домашната економија. Само во оваа година се поддржани 645 компании по Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Фондот за иновации и технолошки развој, како и Законот за контрола на државна помош“ рече Битиќи.
„Од 2017 до оваа 2022 година, имаме потпишани 630 договори, од кои во моментов се активни 546, додека 84 се завршени договори по различни основи. Односно, од нив, 69 договори, односно компании ги завршиле инвестициските циклуси, додека 15 компании побарале спогодбено раскинување на потпишаните договори. Во 2022 година, потпишани се нови 277 договори, убедливо најголема бројка од носењето на законот“ напомена вицепремиерот.
Битиќи посочи дека „во овие 5 години, дел од инвестициските циклуси на компаниите се завршени, земајќи предвид дека вообичаено договорите за поддршка се склучуваат на 3 до 5 години. Сите овие договори и завршените, како и моментално активните 546 договори се водат под мојот Кабинет и тимот посветен на нив. Знаете дека од 2020 година креираме one stop shop за инвестиции, со цел олеснување на процедурите, воедначеност на пристапот, намалување на бирократијата и времето за реализација за добивање на државна помош. Сето ова го правиме токму за стопанството, знаеме дека во бизнисот времето, односно навремената и точна информација е круцијална“.
„Оваа година, како што можете да видите и на екранот зад мене, имаме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, од 2017 кога и започнавме со оваа програма. Само споредено со минатата година, оваа година имаме зголемување од 79% проценти на исплатена финансиска поддршка од 12,9 милиони на 23 милиони евра“ порача тој.
За споредба, минатата година со оваа мерка беа поддржани 10 компании со инвестиции од 850 илјади евра. Ова значи раст од 118% на поддршката за истражување и развој, рече тој.