Имплементација на антикризните мерки ќе ги следи економските движења, при што се очекува најголем дел од нив да бидат активни четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните, и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории на граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции”, пишува министерот за финансии.
Бесими наведува дека дополнително, надвор од буџетот, како поддршка на граѓаните и стопанството за справување со енергетската криза и инфлацијата се и поволните заеми од Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, кои ја го абсораат ценовниот шок на регулираниот пазар, односно се субвенционираат сметките на домаќинствата.
Исто така, достапни се и средства од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и бескаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра.
Исто така, тука се и постојните мерки пресметани во ребалансот, како намалениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2,2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки коишто се системски поставени и им помагаат на ранливите катеории, како гарантираниот минимален доход и други активни мерки на пазарот на трудот, вклучително и новата методологија за раст на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот, со цел заштита на нивниот животен стандард и интегритет.
Бесими посочува и дека и покрај кризата, се задржува високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот се на највисокото историско ниво досега.