Бесими: Општествениот консензус можност за „економско чудо на Балканот“

Од:

Просечна стапка на економскиот раст од 4,7% во следните 20 години и побрз раст на животниот стандард со за 70% повисок БДП по глава на жител, како и значително намалување на стапката на сиромаштија, се дел од интегралното сценарио од Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 година. Ова сценарио е остварливо само ако има општествен консензус за клучните развојни приоритети, за градење на поконкурентна економија, напредни технологии и одржлив развој, повисок стандард и квалитет на живеење, чиста животна средина, безбедна и просперитетна земја, посочува во својата најнова колумна, министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„За да бидеме „економското чудо на Балканот“ потребен е еден општествен консензус за стратешките приоритети, еден општествен отворен дијалог за сите клучни прашања. Потребно е лидерство коешто ќе ја одрази колективната свест за подобра иднина и меѓугенерацискиот договор дека оваа генерација ќе обезбеди подобра иднина за идната генерација тука, а таа ќе продолжи и ќе остане тука за да го пренесе овој аманет на наредната генерација, таа на следната, и така натаму“, порачува Бесими.

Министерот за финансии истакнува дека Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 се темели на шест приоритетни области: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена трансформација. Тој образлага дека според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години, согласно базичното сценарио се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6%, но дека со примена на реформите според стратешките приоритетни области, овој раст може да се биде и за скоро два пати повисок.

„Со интегралното сценарио како преферирана опција во 2044 година во однос на 2024 година ќе оствариме побрз раст на животниот стандард (БДП по глава на жител ќе биде за 70% повисок), позначајно ќе се намали нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2.15 УСД), приходите во буџетот ќе достигнат ниво од 43,5% од БДП, што е значително повисоко во однос на сегашната проекција за 2024 година на ниво од 31,7% од БДП. За да се постигне побрза конвергенција со земјите на ЕУ во однос на новите земји членки (Хрватска и други), нашиот економски раст ќе треба да биде над 5%. Нешто повеќе што ќе ни го обезбеди епитетот на „економско чудо на Балканот“, пишува Бесими.

За успешна реализација на Националната развојна стратегија неопходни се и секторски стратегии и програми со акциски планови. Значајна улога во ова ќе имаат Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегии во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храна, стратегии во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на млади и спорт, безбедноста и одбраната. „Интензивно работиме на развојни стратегии во соработка со други меѓународни институции и Европска Унија, меѓу кои би ги издвоил: Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан 2024-2027 во износ од 6 милијарди евра за цел регион, од кои околу 900 милиони евра ќе бидат за нашата економија, како и Рамката за партнерство со Светска Банка 2024-2028 проектиран во износ од околу 900 милиони евра за развој на нашата економија“, истакнува министерот за финансии.

Би можело да ве интересира

МФ: Новата ПЕР 2024-2026 усвоена од Владата, поставена основа за нашата Реформска агенда за Планот за раст на Западен Балкан

Бесими: Минатата година највисока реализација на капиталните инвестиции

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, тврди Бесими

Бесими: Трезорот ќе работи, правата на вработените ќе ги оствариме согласно законите

Бесими: Со 560 милиони евра од ЕИБ, ЕБОР, ЕУ и ИПА го заокруживме финансирањето на деценискиот проект за изградба на железницата кон Бугарија

МФ: За справување со кризата над 250 милиони евра со поволни услови од ЕУ, КфВ, СБ и Фондот при ОПЕК