РС Македонија не отстапува од реформите што водат кон целосна интеграција во ЕУ, а кои сега добиваат позабрзана динамика со отворање на преговарачкиот процес. Со ЕК заедно се утврдуваат приоритетите во Програмата за економски реформи, велат од Министерството за финансии.
Реформите што се утврдени како приоритети во Програмата за економски реформи 2022-2024 денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со еврокомесарот за економија Паоло Џентилони во Брисел.
Клучни области кои се идентификувани во Програмата се однесуваат на подобрување на квалитетот на образовниот систем, конкурентноста на домашните компании и нивно вклучување во глобални вредносни синџири, формализација на нефомалната економија и зелената транзиција Идентификуваните области во ПЕР се совпаѓаат со оние нотирани и во Извештајот на ЕК, а целта е обезбедување инклузивен и одржлив економски раст на среден рок.
Програмата за економски реформи содржи макроекономски и фискални политики и индикатори, структурни реформи и мерки за подобрување на конкурентноста на земјата и намалување на невработеноста. Се подготвува секоја година и со неа се врши претпристапно усогласување на економските политики со ЕУ, соопштува Министерството за финансии.
Mинистерот посочи дека и покрај сите предизвици, 2022 година ќе биде запаметена и како година на постигнување уште една пресвртница во нашиот процес на пристапување во ЕУ. Со усвојувањето на Преговарачката рамка, одржувањето на Првата меѓувладина конференција и отворањето на скринигот се отвора патот за следните фази од процесот. Во тој процес Министерството за финансии е водечка институција за 8 поглавја и е вклучена во 4 кластери, од вкупно 6 кластери.
На средбата стана збор и за влијанието на енергетската и ценовната криза врз домашната економија и мерките што ги презема земјава за заштита на стандардот на населението и економијата.
При тоа министерот Бесими потенцира дека е значајна поддршката за спроведување на тие политики и од ЕУ преку МФА на ЕК, инструмент за макрофинансиска поддршка за мерките за справување со екстерни шокови, a која земјава ја користеше и за време на ковид-кризата.
Од страна на еврокомесарот Паоло Џентилони беше искажана поддршка и заложба за продолжување на активностите во насока на одобрување на МФА – инструментот, како резултат на успешните политики што ги води Владата на РС Македонија, се додава во соопштението на Министерството за финансии.