Бесими: Човечкиот капитал е инвeстиција во идниот раст и развој, подготвена Стратегија заедно со Светска банка

Од:

Инвестицијата во човечкиот капитал во една земја е инвестиција во долгорочен и одржлив развој и придобивка за целото општество. Затоа инвестирањето во човечкиот капитал е еден од најзначајните приоритети на Владата на РС Македонија, а во остварувањето на тој приоритет клучен партнер е Светската банка. Начинот на кој ќе се креира посилен и поотпорен човечки капитал преку заеднички проекти во трите клучни сектори за развој на човечкиот капитал – образование, здравство и социјална заштита, денеска беше тема на состанокот во Министерството за финансии на министерот Фатмир Бесими, министрите за образование Јетон Шаќири, за здравство Беким Сали и труд и социјална политика Јована Тренчевска со Фадиа Садах, регионален директор за човечки развој на Европа и Централна Азија на Светската банка и претставникот на СБ во земјава Масимилијано Паолучи.

„Во Програмата за работа на Владата за периодот 2022-2024 година социјалната инклузија и развојот на човечкиот капитал се издвоени како еден од петте клучни приоритети на земјата. Како дел од нејзината цврста посветеност на агендата за развој на човечкиот капитал, Владата на РС Македонија, со техничка помош од Светска банка, работи на Стратегија за развој на човечкиот капитал, со што земјава се издвојува како прва во регионот која со стратешки документ го поплочува патот кон зајакнување на човечкиот капитал“, беше истакнато на состанокот.

Стратегијата во нацрт-верзија е одобрена од Владата, а целта е да обезбеди подобри услови за живот на граѓаните, да поттикне побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст, и да го намали нивото на сиромаштија преку инвестиции во трите клучни сектори: образование, здравство и социјална заштита.

„Човечкиот капитал е најзначаен фактор и игра суштинска улога во промовирањето на растот и развојот на една земја. Затоа еден од приоритетите во нашите политики е зголемување на инвестирањето во човечкиот капитал, односно во трите сектори – образование, здравство и социјална заштита. Така средствата што од буџетот се одвојуваат за овие сектори од година во година растат и тие од 180,1 милијарда денари во 2019 година, во 2022 година достигнаа 220,8 милијарди денари, а во наредната година тој износ се зголемува на 235 милијарда денари, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека ова се инвестиции што во овој момент и на краток рок не покажуваат ефекти, но тоа се инвестиции во иднината, инвестиции за идните генерации, во идниот раст и развој на државата и дека и покрај моменталната состојба и борбата со справување со последиците од енергетската и ценовната криза, Владата останува посветена на спроведување на реформите во овие области. „Тие реформи, како што рече, се значаен аспект за забрзување на растот и искористување на целокупниот потенцијал за раст.

Светска банка, како што истакна Садах, гледа бројни предности за инвестирање во човечкиот капитал. „Прво, тој директно придонесува за благосостојбата на луѓето во Северна Македонија и е основа за еднакви можности. Друго, исто така ни помага да создадеме порамноправна распределба на придобивките од развојот, и конечно, овозможува поврзување помеѓу различните видови инвестиции, искористувајќи ги предностите на комплементарноста помеѓу човечкиот и физичкиот капитал“, потенцира регионалната директорка на СБ за човечки капитал.

Таа додаде дека овие предности, колку и да се големи, не се материјализираат автоматски. „Затоа посветеноста станува особено важна, и ми е задоволство што гледам дека Владата на Северна Македонија дава висок приоритет на агендата за човечки капитал“, рече на состанокот.

На состанокот беше истакнато дека квалитетот на човечкиот капитал во земјава во периодот од 2010 до 2020 година е подобрен и дека индексот на човечкиот капитал од 0,54 се искачува на 0,56, но тоа не значи дека треба да се отстапи од реформите и понатаму. При тоа ресорните министри Тренчевска, Сали и Шаќири ги претставија реформите на кои работат и кои во наредниот период се планирани за подобрување на човечкиот капитал.

Во спроведување на таа реформа клучна поддршка земјата добива од Светска банка преку спроведување повеќе проекти, а беше искажана и поддршка за понатамошна соработка во спроведување на програмските цели во овие три сектори во насока на поддршка на развојот на човечкиот капитал.

Преку проект за подобрување на социјалните услуги се спроведува амбициозна реформа на социјалната заштита. Проектот за унапредување на основното образование фокусот е ставен на унапредување на квалитетот на учење преку подобрување на образованото окружување и во областа на здравството со проектот за итно справување со Ковид 19 се зајакна здравствениот систем за да може да се справи со здравствената криза. Нови проекти кои се во подготовка се во секторот здравство фокусиран на примарната заштита, потоа во образование за подобрување на квалитетот на средното образование, како и дополнително финансирање на проектот за подобрување на социјалните услуги.

Би можело да ве интересира

МФ: Новата ПЕР 2024-2026 усвоена од Владата, поставена основа за нашата Реформска агенда за Планот за раст на Западен Балкан

Бесими: Минатата година највисока реализација на капиталните инвестиции

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, тврди Бесими

Бесими: Трезорот ќе работи, правата на вработените ќе ги оствариме согласно законите

Бесими: Општествениот консензус можност за „економско чудо на Балканот“

Бесими: Со 560 милиони евра од ЕИБ, ЕБОР, ЕУ и ИПА го заокруживме финансирањето на деценискиот проект за изградба на железницата кон Бугарија