Дали и во иднина ќе продолжи финансиска поддршка за Грција зависи од резултатите од ревизијата на досегашната програма за финансиска поддршка и учеството на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави денеска за германските медиуми неименуван претставник на германското Министерство за финансии во Берлин.
– Натамошните исплати зависат од успешното комплетирање на анализата на програмата и учеството на ММФ, изјави претставникот на германското Министерство, еден ден откако шефот на Европскиот механизам за финансиска стабилност Клаус Реглинг најави дека Грција може да продолжи да добива пари само доколку ММФ се придружи на програмата за финансиска помош за Атина.
Претходно меѓународните кредитори учеството на ММФ во помошта за Грција не го сметаа за услов за продолжување на грчкото кредитирање.
Грција до септември треба да ја добие новата транша од третиот пакет помош вреден 86 милијарди евра во спротивно повторно ќе се соочи со сериозна опасност од државен банкрот.