Република Северна Македонија дефинираше среднорочна политика за поголема отпорност на економијата која се темели на повеќе платформи во периодот од 2021 до 2025 година. Политиките опфаќаат Паметен раст за закрепнување и одлржлив развој на економијата, фискална консолидација, Економски инвестициски план, Зелена агенда и Ревизија на постојните договори за слободна трговија. Повеќето платформи се базирани на регионот како стратешки документи за влијание врз економскиот развој и соработката во регионот.
Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на состанокот на министерите за трговија на земјите од Југоисточна Европа кои денеска дебатитаа за „Предизвиците и можности за трговија во периодот по пандемијата Ковид-19 во Југоисточна Европа“, со кој оваа година преседава Република Турција.
– Економско-инвестицискиот план е клучен документ за Западен Балкан, развивајќи нови иницијативи и проекти за создавање посилни врски и мрежи во инфраструктурата, дигитализација и поврзување на енергијата и транспортот, како нов стимул за економски раст. Заедничката позиција на овој план е подобра поврзаност на економиите во регионот во фундаментални реформи за развој на заеднички регионален пазар заснован врз законодавството на ЕУ, со цел регионот да стане поатрактивна област за инвестиции, истакна Бектеши.
Тој информираше дека земјава како можност за олеснување на трговијата во регионот воспостави заедничка гранична контрола – едношалтерски систем со Србија и интегрирано управување со границите на Табановце – Прешево за стоки и патници, а најави дека на овој начин за заеднички контроли наскоро ќе биде воведен со Република Албанија на граничниот премин Ќафасан, каде неодамна беше изграден комплетно нов терминал.
– Во пракса, веќе започнавме со активности за проширување на зелените коридори кон Бугарија и Грција. Овој концепт ги прави коридорите поефикасни за извоз, увоз и транзит на стоки, како зелени ленти што овозможуваат побрз транзит на одреден трансфер на потребната стока, потенцираше министерот.
Бектеши рече дека Република Северна Македонија неодамна започна со процес на ревидирање на договорите за слободна трговија со дел од трговските партнери на земјата, дозволувајќи повисок повластен третман и либерализација на трговијата.
– Сето ова треба да ја прошири веќе создадената област за слободна трговија. Степенот до кој ова може да се постигне ќе оди на некој начин кон обликување на иднината на трговијата и синџирите на вредности на регионално ниво, истражувајќи нови теми за да им помогне на деловните субјекти да имаат корист од повластената трговија.Сите овие се цели на нашата трговска политика што придонесува за нашиот економски раст, рече Бектеши.
Потсети дека пандемијата КОВИД-19 ја предизвика најголемата здравствена и економска криза во светот досега со што беше нарушен нормалниот проток на трговијата, влијаеше на извозниот сектор на земјата и ја намали економската активност. Пандемиските импликации врз глобалната економија се присутни дури оваа година, додека масовната вакцинација на населението заврши.
Инфомираше за социо-економските мерки кои ги донесе Владата за ублажување на загубите кај најпогодените сектори со кои се „омекна“ падот на економијата на -4,4 посто и пад на увозот и извозот од 10 проценти.
Сепак, како што рече, нашата надворешно-трговска размена во најголем дел се спроведува во рамките на договорите за слободна трговија. Досега, мрежата на повластена трговија е со 41 земја, сите опфатени во шест договори, со државите од ЦЕФТА, држави на ЕФТА и членки на ЕУ и билатерални договори со Турција, Украина и Велика Британија и Северна Ирска. Сите овие трговски партнери учествуваат со 75 посто во вкупната трговија на Република Северна Македонија во 2020 година.
– Нашиот трговски проток продолжува на ист начин оваа година, заради високиот систем на повластено тргување, и покрај несигурноста и големите ризици во време на пандемија, заклучи Бектеши.