Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дополнително намалување од 5 до 12 отсто на цените на основните прехранбени производи по средбата со компаниите за производство на храна кои ги информираше за новиот Закон за потрошувачи.
– Се разговараше за најактуелната тема за цените на основните производи. Дојдовме до констатација дека почнал трендот на намалување на цените на млекото и лебот. Лебот сега падна 36 до 38 денари, а млекото на 76 денари и уште ќе паѓа цената. Согласно сите калкулации, во делот на суровините ќе има дополнително намалување во следните денови имајќи предвид дека ЕСМ продажба ги заклучува договорите со овие потрошувачи. Како министерство ги информиравме производителите дека правиме анализи за дополнителни мерки кои треба да се донесат за следната година. Јас бев многу транспарентен пред нив. Им реков дека цел товар го пренесовме врз маркетите и потрошувачите за да ги заштитиме производителите и да ги сочуваме работните места – рече Бектеши.
Тој смета дека по склучувањето на договорите со ЕСМ за поевтина струја, компаниите дополнително ќе ги намалат цените за крајните потрошувачи, а голема промена се очекува во првата недела од декември.
– Затоа што се повикуваа на цената на струјата, очекувам од први декември да има дополнително намалување на цените од 5 до 12% во прва недела на декември, ако нема намалување тогаш, ќе ги донесеме новите мерки кои произлегуваат од законот за трговија за ограничување на маржи – додаде тој.