Цената на бакарот достигна нов историски рекорд, надминувајќи 12 илјади долари за тон, покажува анализата на Bloomberg, која како главни причини ги наведува прекините во работењето на рудниците и трговската политика на американскиот претседател Доналд Трамп. Во вторникот, бакарот забележа раст од 1%, достигнувајќи 12.044 долари за тон на Лондонската берза за метали (LME), со што вкупниот раст од почетокот на годината надмина една третина.
Најголем притисок врз пазарот создава можноста за воведување царини на увозот на бакар во САД. Овие најави веќе ги поттикнаа производителите од други делови на светот да наддаваат за задржување на испораките, што дополнително ги нарушува глобалните трговски текови. Растот на цените продолжува и покрај намалената реална побарувачка во Кина, која троши околу половина од светското производство на бакар.
Постојат сериозни потреси и на страната на понудата и намаленот ископ во најголемите рудници во светот. Deutsche Bank предупредува дека производството на најголемите компании во секторот ќе се намали за 3% оваа година и може дополнително да опадне во 2026 година. Ризиците на страната на понудата со години ја оптоваруваат бакарната индустрија поради очекуваниот раст на употребата на металот во производството на електрични возила, обновливата енергија и вештачката интелигенција. Веќе има бројни прогнози за 2026 година. Банката Citigroup Inc. соопшти дека цените би можеле да достигнат 13.000 долари за тон до вториот квартал на годината, а Goldman Sachs Group Inc. минатата недела го истакна бакарот како свој омилен метал за претстојната година. На подолг рок, аналитичарите гледаат подлабоки структурни ризици. Декемврискиот извештај Transition Metals Outlook 2025 на BloombergNEF предупредува дека побарувачката за бакар за енергетската транзиција би можела да се зголеми дури трипати до 2045 година и дека металот може да влезе во структурен дефицит уште во 2026 година.
Претходно, домашните експерти во предлог Стратегијата за минерални суровини повикаа Македонија добро да се организира и постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини.
„Преку имплементација на стратегијата за иновации Република Северна Македонија треба да ја зајакне иновациската клима и во секторот на минералните суровини. Тоа опфаќа голем број области на дејствување кои влијаат на сите важни сектори во земјата, вклучително и рударството и минералната индустрија. Националната стратегија за иновации треба да биде во основата на стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини. Климата за иновации која треба да се одржува во услови на тешка глобална конкуренција е клучна ако сака да придонесе со иновативни и одржливи решенија за глобалните општествени предизвици кои можат да обезбедат подобар квалитет на живот за луѓето, поодржлив развој и зелен раст“, се наведува во нацрт Стратегијата.
Експертите исто така повикуваат Македонија да се придржува до Европската Унија во однос на политиките и мерките за изнаоѓање на критичните минерални суровини, каков што е и бакарот. Нови инвестиции во домашната рударска индустрија се очекуваат по усвојувањето на законите за рударство и геологија. Во меѓувреме, податоците за изминативе пет години покажуваат намалување на рударското производство, што значи дека рудниците во земјава извлекуваат помалку минерали или руда отколку што тоа правеле порано.
