Атлантик Група со значаен раст на приходите и покрај предизвиците на пазарот на суровини

Од:

Првото полугодие е обележано со успешно проширување на портфолиото на производи и посветеност на одржливоста

Загреб, 24 јули 2025- Атлантик Група во првата половина на 2025 година оствари приходи од продажба во износ од 559,5 милиони евра, што претставува раст од 9,2% во споредба со истиот период минатата година. Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) изнесува 50,7 милиони евра, што е пад од 11,7%, додека нето добивката се намали за 39,4% и изнесува 14,8 милиони евра.

„Атлантик Група во првото полугодие од 2025 година, продолжува да остварува одлични продажни резултати, со раст на приходите во речиси сите деловни и дистрибуциски области на сите поважни пазари. И покрај силниот раст на приходите, профитабилноста е под притисок поради рекордните цени на суровото кафе и какао, како и свесните инвестиции во вработените и брендовите, со цел долгорочен раст.

Нашите два нови бренда, DoNatural и Lemonish, постигнуваат одлични пазарни резултати, а го проширивме и нашето портфолио со иновации како што се Smoki Protein и Argeta Snack. Со обврзувачката понуда за купување на компанијата Osem и брендот Kekec и продажбата на производството и брендот Montana, стратешки се фокусиравме на зајакнување на нашите основни категории. Исто така, издадовме нови корпоративни обврзници во износ од 80 милиони евра, со што ја потврдивме нашата стабилност и долгорочна ориентација“, истакна претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.

Пијалоци, Донат и Кафето го предводат растот

Во првата половина од 2025 година, најзначаен раст меѓу Стратешките деловни области (SBA) постигна кафето (+27,1%), Донат (+14,5%) и Деликатесните намази (+13,6%). Кафето, како најголема поединечна категорија, учествува со 25,4% во вкупните приходи. Во сегментот на дистрибуција, најголем раст е забележан во Стратешката дистрибутивна област (SDP) Србија (+25,2%) и Северна Македонија (+13,9%). На најголемиот пазар, Хрватска, е постигнат раст на продажбата од речиси 6%, што дополнително ја зајакна пазарната позиција. Во вкупната продажба на Атлантик Група, сопствените брендови учествуваат со 64,9%, фармацевтското работење со 8,9%, додека принципалните брендови учествуваат со 26,2% во приходите.

Достигнувања во одржливост и човечките ресурси

Покрај иновации во портфолиото на производи, Атлантик Група во првата половина од 2025 година постигна и голем број препознатливи достигнувања во областите на управување со човечките ресурси, енергетската ефикасност и одржливост.

Признанија

Во Босна и Херцеговина, компанијата беше прогласена за еден од трите најпосакувани работодавци според анкетата спроведена од порталот MojPosao.ba а во која беа вклучени 35.000 испитаници. Атлантик Група повторно беше наградена со сертификатот „Equal Pay Champion“, со што се потврдува дека разликата во платите меѓу половите е намалена на 1,09%, а жените сочинуваат 53% од менаџментот. Трговската академија на Атлантик за прв пат беше наградена со златна награда на конференцијата HR Days за исклучителните достигнувања на повеќе од 60 внатрешни инструктори и над 1.400 членови на продажниот тим вклучени во обуката.

Енергетска ефикасност

Атлантик Група ја освои и наградата за енергетски најефикасна компанија во Словенија, благодарение на мерките што доведоа до намалување од 30% на потрошувачката на електрична енергија по тон производи на Аргета и вкупно намалување од 11% на потрошувачката на енергија.

Иновации

Иницијативата Innowave вклучи повеќе од 80% од вработените во фабриката на Argeta во Изола, кои за 30 дена предложија 30 решенија за подобрување на работната средина, а проектот беше награден со престижната награда Златна пракса. Аптекарскиот синџир Farmacia го освои третото место на натпреварот HealthComm Awards за проектот „База на податоци за грешки при употреба на лекови“ во категоријата промоција на здравјето и благосостојбата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) СДСМ: Со 10 денари за откуп на пченица ВМРО-ДПМНЕ го закопа македонското земјоделство

А1он

СДСМ: Колапс во ЕСМ – ВМРО-ДПМНЕ направи загуба од 45 милиони евра

Официјално започна кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост”

ВМРО-ДПМНЕ: Кампања „Македонско најдобро“ за купување домашни производи, Владата предводена со конкретни мерки и проекти го поттикнува македонското производство

АЕК објави тендер за доделување радиофрекфенции за мобилна телефонија преку јавно наддавање

Италија започна да си ја истражува земјата за минерали, македонските геолози велат дека во тоа лежи енергетската иднина