Сега секој кој има можност преку https://solidarnost.gov.mk/ може лесно и едноставно да придонесе во борбата со Ковид-19 со своја донација, порача министерката за финансии Нина Ангеловска на својот ФБ профил.
-Приклучете се, придонесете, споделете, впишете се во листата на донатори…Бидејќи заедно сме во ова, а заедно сме посилни!, напиша министерката.
До сега, како што наведува, на донаторските сметки во Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë и во Солидарниот ковид-фонд во Влада на Република Северна Македонија се донирани над 200 милиони денари.
– www.solidarnost.gov.mk е платформа за донации за помош во надминување на ковид-кризата, која ја креиравме со поддршка од International Republican Institute (IRI) и USAID North Macedonia, стои во објавата.
Може да се донира со платежна картичка , а сите кои донирале до сега преку банкарски трансфер може да се запишат во листата на донатори. Донираните средства се користат за справување со Ковид-19, и тоа: за набавка на опрема за здравството и обезбедување на потребите во здравството за справување со Ковид-19 и за социо-економски мерки, за поддршка на повеќе категории граѓани на кои им е потребна помош.
-Благодарност на над 1000 сограѓани кои до сега донирале и над 130 компании кои покажаа солидарност и општествена одговорност. Исто така благодарност до УНИ Банка, која го поддржува овој проект и овозможува процесирање на сите донации без какви било трошоци, пишува министерката во објавата на ФБ.