Ќе се дизајнираат мерки како што ќе има потреба и ќе им се помага на сите. Никој нема да биде оставен сам на себе, порача министерката за финансии Нина Ангеловска по предвидувањата на првиот човек на Стопанската комора дека во мај и јуни се очекува уште потешок период за компаниите.
– Мерки ќе се дизајнираат како ќе се јавува потреба во зависност од развојот на ситуацијата меѓутоа важно е дека веќе се разговара и за олабавување на мерките, се разговара за конкретни протоколи за сите сектори и индустрии како би работеле и за наскоро враќање на животот во нормала, рече Ангеловска на денешната прес-конференција во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ангеловска посочи дека наскоро се очекува да бидат објавени податоците за реализацијата на приходите во април и оти засега земјава се движи во рамки на првото сценарио кое е најблиску до она на Меѓународниот монетарен фонд.
– Засега се движиме во проекциите. Кај одредени даноци дури имаме и подобра реализација отколку предвидената во првото сценарио, истакна Ангеловска.