Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Од:

Во рамките на посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ ‒ Штип, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски и со проф. д-р Дарко Лазаров на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката помеѓу Народната банка и Универзитетот во делот на истражувачката работа и макроекономското моделирање. Во рамките на редовната практика за споделување на макроекономските податоци со различни целни групи во јавноста, гувернерката одржа предавање пред студентите на Економскиот факултет при Универзитетот на коешто се обратија и деканката на Економскиот факултет, проф. д-р Оливера Ѓоргиева Трајковска, како и проф. д-р Дарко Лазаров. „Според најновиот циклус макроекономски проекции на Народната банка, годинава се очекува стеснување на дефицитот на тековната сметка, како резултат на подобрувањето на надворешното окружување преку намалување на притисоците од трговската размена, а пред сѐ кај енергентите. Финансиските приливи и понатаму би биле солидни и би го покривале дефицитот на тековната сметка, но истовремено ќе бидат доволни и за зголемување на девизните резерви. Сепак, неизвесноста опстојува и потребно е внимателно следење“, беше посочено на предавањето на гувернерката.

Движењата во надворешниот сектор се исклучително значајни за Народната банка со оглед на нашата монетарна стратегија на одржување стабилен девизен курс на денарот. Дефицитот на тековната сметка лани значително се прошири, главно како резултат на енергетската криза, односно увозот на енергенти по исклучително високи цени. Дел од овие притисоци беа ублажени преку високиот раст на дознаките од странство. Дознаките коишто беа значително погодени во периодот на пандемијата, во изминатиот период растеа со високи стапки на раст од 30 до 40%, со што во 2022 година достигнаа 2,4 милијарди евра, што е историски највисоко ниво. На среден рок се очекува дека тие и натаму ќе растат, но значително поумерено со од годишен раст од 3 до 4%. Очекувањата за намалување на притисоците кај енергентите, а со тоа и врз трговскиот дефицит, ќе придонесат за стеснување на дефицитот на тековната сметка во 2023 година за 2,4 п.п. од БДП на годишна основа, односно тој ќе изнесува 3,6% од БДП. Се очекува ваков тренд и на среден рок во услови на натамошна постепена стабилизација на цените на примарните производи и натамошно закрепнување на странската извозна побарувачка.

Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и би придонесле за натамошен раст на девизните резерви, коишто за целиот период ќе останат на соодветно ниво. Странските директни инвестиции минатата година достигнаа 5,7% од БДП, што е една од повисоките стапки досега. Очекувањата за следниот период се дека тие и натаму ќе растат и во просек би изнесувале 3,7% од БДП на среден рок.

Во презентацијата пред студентите гувернерката се осврна и на очекувањата за економскиот раст годинава, како и за инфлацијата. Говорејќи за економскиот раст, гувернерката истакна дека растот на македонската економија во 2023 година би изнесувал 2,1% (еднаков на остварениот претходната година), а инфлацијата би се свела на едноцифрено ниво од 8% до 9% и потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3%, како што беше и октомвриската проекција.

Геополитичките превирања и нивните можни ефекти врз синџирите на снабдување и светските цени, евентуалното поостро затегнување на глобалните финансиски услови, како и случувањата во финансиските системи во одделни економии и натаму се ризиците за надолни проекции.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска