Денарот претставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска по повод 29-годишнината од монетарното осамостојување.
Во обраќањето по тој повод, гувернерката оценува дека монетарното осамостојување се одвивало во исклучително тежок период со чести девалвации на курсот, инфлација која достигнувала и до четирицифрено ниво и пад на економијата се до 1996 година, кога првпат е остварен економски раст од 1,2 проценти.
– Напорите на Народната банка, заедно со другите носители на политики и на академската заедница, одиграа клучна улога за прекинување на инфлациската спирала и стабилизирање на курсот на домашната валута. Во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија за којашто и тогаш и сега постои широк консензус дека преставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, вели Ангеловска-Бежоска.
Таа нагласува дека Народната банка успева да ја одржи инфлацијата на умерено ниво, слично на европското и оти значаен придонес за ниската и стабилна инфлација има и стабилниот курс на денарот во однос на еврото.
– Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, доведоа до речиси непрекинат раст на девизните резерви, коишто денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Потврда за здравоста на политиките коишто ги спроведува Народната банка е историскиот исчекор со обезбедување пристап до девизна ликвидност од Европската централна банка, истакнува Ангеловска-Бежоска.
Клучот за досегашното остварување на целите на централната банка, според Ангеловска-Бежоска, е институционалниот капацитет којшто се градел низ годините.
– Само високопрофесионална и независна институција може успешно да се справува со „тешките времиња“, коишто кај нас не ретко ги има. Последен пример за тоа е пандемијата на ковид-19, којашто иакo е битка за здравјето и животот на луѓето, за носителите на политиките е и битка за задржување на макроекономската стабилност и за намалување на ударот врз економијата, вели гувернерката на Народната банка.
Пред 29 години, југословенскиот динар беше заменет со денарот како домашна валута, а Народната банка почна да работи како самостојна централна банка.