Блокирана сметка, зголемување на финансиски обврски, судски процеси – серија на пропусти, недоследности и постапувања спротивно на позитивната законска регулатива открива државната ревизија во работењето на општина Струга во 2018 година. Наодите од резвизорските извештаи за Струга се однесуваат на период во кој на чело на општината е градоначалникот Рамиз Мерко, пишува анализата на Порталб.мк.
„Финансиските извештаи не ги претставуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиска состојба на општина Струга на сметката на Основен Буџет. Финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на сметката на основен Буџет не се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени практики“ – посочуваат ревизорите.
Општина потоната во финансиска криза…
Во континуитет, подолго од шест месеци, од 2010 та година сметката на општина Струга е под блокада. И покрај ваквата состојба градоначалниците што ја раководеле општината не донеле одлука за прогласување финансиска нестабилност, наведува државниот ревизор.
„Во период од шест месеци, континуирано секој месец со состојба на крајот на месецот, вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена надминува 80% од реализираните приходи на Основниот Буџет на општината во претходната година“ – се посочува во ревизорскиот извештај.
И покрај тешката финансиска состојба во пакет со блокираната сметка, општинската власт постапува спротивно на законите.
„Финансира нови капитални проекти и инвестиции кои секоја година се зголемуваат, редовно спроведува постапки за јавни набавки со кои се зголемуваат финансиските обврски, градоначалниците не донеле план на мерки за надминување на финансиската нестабилност“ – посочуваат ревизорите.
Со владината мерка за надминување на финасиските проблеми со кои се соочуваат локаланите власти, на сметка на општината во 2018 година легнале 2,2 милиони евра за подмирување на дел од обврските кои биле во вкупен износ од скоро 4,3 милиони евра.
Буџетски промашувања, проблематични концесии на плажи…
Ревизорите откриваат сериозни слабости и пропусти при проектирање и остварување на Буџетот на локалната власт. Имено, лани во однос на проектираните приходи, остварените биле на ниво од само 60,56%, што според ревизијата упатува на нереална проценка на приходите согласно законската регулатива. Серија на слабости ревизорите откриваат и при увид во сметководствената и даночната евиденција. Лани, општина Струга од данок на имот наплатила скоро 1,2 милиони евра.
„Не е извршено целосно ажурирање на регистерот на недвижен имот, односно ревреднување на имотот е извршено во 2007 година, за најголем дел од легализираните градби имотот не е евидентиран во даночната евиденција, изготвени се даночни решенија кои не се евидентирани од причина што истите се дадени за достава и не се вратени, не се даваат редовно опомени до сите даночни обврзници за побарување за данок на имот, неуредна достава на решенија која се врши од вработени лица во Општината а од друга страна голем е бројот на обврзници кои живеат во странство. Наведените состојби имаат влијание врз целосноста на наплатата на даночните приходи кои се значаен извор на општината“ – посочува ревизијата.
Во 2018 година општината како тужена страна се појавува во 44 судски постапки за надомест на штета, утврдување на надомест за експроприација, и други основи како должник со основен долг во износ од 1 милион евра. Од друга страна општина Струга како тужител се појавува во 9 судски постапки во кои побарува 2,3 милиони евра.
„Сметката на општината заклучно со 8 април 2019 година е блокирана за износ од 5 милиони евра, главен долг, пресметани камати, судски и извршни трошоци“ – обајвува ревизорот и посочува дека иако дел од обврските се платени, сепак извршителот не го повлекол налогот за извршување од Трезорот поради што постои опасност иста обврска да се плати два пати.
За ревизорите проблематични се и дел од концесиите за плажи на струшката ривиера. Во јуни 2016 година против 10 закупци кои не ги почитувале одредбите од склучените договори поднесени се тужби до Основиот суд Струга.
„За 2 закупци на плажи прекината е постапката поради поднесување кривична пријава и воопшто не отпочнување на плажата со работа, за еден закупец има правосилна одлука но правниот субјект воопшто не постои. Со останатите 7 закупци на плажите, тужителот и тужениот спогодбено постигнале договор спорот да се реши со Судско порамнување а заостанатите долгови да се платат на рати. Тројца од овие закупци воопшто не го почнале процесот на подмирување на обврските“ – се наведува во извештајот на ревизорите.
Општина Струга изработила два инфраструктурни проекти: првиот за реконструкција на постојната четворокрака крстосница помеѓу регионалниот пат Струга-Дебар и спојот со регионалниот пат с.Дрслајца и вториот прокет реконструкција на трокрака крстосница помеѓеу маагистралниот пат Струга-Ќафасан и улица “Маршал Тито“ во Струга. Министерството за транспорт и врски дава Одобрени за градба за овие проекти а согласност дава и ЈП за државни патишта, но сепак поради блокирана општинска сметка, проектите се проблематизираат.
„Во писмено известување ЈП се оградува од секакви финансиски обврски за реализација на овие проекти, вклучувајќи ја и експропријацијата на земјиштето, не сноси никаква одговорност во случај на појава на било каков судски спор“ – пишува во ревизорскиот извештај и се додава:
„Во услови кога сметката на општината е блокирана, преземање на обврски за изградба на дел од државен пат, постои ризик од непредвидени финансиски обврски при реализацијата“.
Ревизорите меѓудругото откриваат и дека не се склучени договори со Јавните претпријатија со кои ќе се дефинираат меѓусебните права и обврски како и исплатата на средства за одржување на јавна чистота без утврден вид и обем на работите, потоа извршениот попис на средствата и обврските не е целосен и квалитетно извршен. За дел од ревизироските наоди одговорното лице, градоначалникот доставил забелешки кои од страна на ревизорите се оценети како известувања за активности кои ќе се преземат за надминување на состојбите а дел од забелешките воопшто и не биле прифатени.
Анализа на Порталб