Министерот за економија Ваљон Сарачини и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Вернер Хенгст го посетија аеродромот „Александар Велики“ за во пракса да се уверат како функционира системот за заштеда на електрична енергија што компанијата го воведе минатата година.
Аердромот инвестира 100.000 евра во BMS-системот кој овозможува управување со сите електрични потрошувачи во објектот од една контролна соба. Во него е вграден и системот SKADA кој обезбедува приказ на тековната потрошувачка на електричната енергија и ги предвидува оптимализациите на енергијата потребна за било која од функциите на аеродромот.
Токму практичната примена на системи за заштеда на енергија и нивна примена во бизнис секторот е еден од приоритетите на платформата за енергетска ефикасност „Размисли и заштеди“ што во октомври годинава ја започнаа Министерството за економија и ЕВН Македонија.
– Воведувањето на енергетската ефикасност на аеродромот „Александар Велики“ покажува дека инвестицијата се враќа за 18 месеци. Сметам дека тоа ќе биде мотив и за другите компании да вложат во енергетска ефикасност, рече министерот Сарачини.
Нагласи дека со воведување на мерки за енергетска ефикасност годишно може да се постигне заштеда од 40 до 50 отсто и апелираше да се инвестира повеќе за таа намена, бидејќи во иднина се очекува раст на цената на електричната енергија.
Хенгст рече дека му е задоволство што стратешки капацитет како аеродромот дава пример како е да се работи со највисоки стандарди, а во исто време да се обезбеди енергетска ефикасност во работењето.
– Енергетската ефикасност значи да се добива ист ефект со помала потрошувачка на електрична енергија и со помали трошоци. Тоа е многу значајно кога електричната енергија станува се поскап производ, рече Хенгст.