Од почетокот на следниот месец, а со експанзија во првиот квартал во следната година, плаќањето на административни такси и останати услуги за добивање на документи од страна на државата, граѓаните ќе може да го вршат по електронски пат, односно со платежни картички.
Оваа одлука е донесена на минатата седница на Владата, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој потенцира дека оваа услуга досега не била возможна и додаде мерката се состои од две подмерки.
– Првата се однесува на тоа дека од почетокот на следната година граѓаните и компаниите наместо најпрво да одат на шалтер во пошта или банка и таму да плаќаат уплатница за такса, сега доколку имаат платежни картички тоа ќе може да го направат на самите шалтери на институциите, каде ќе бидат поставени апарати за користење на платежните картички, слично како што тоа се прави во останатите локали и продавници од приватниот сектор, рече Ѓорѓиев.
Досегашната практика на одење во банка или пошта, како што рече, уплаќањето на сметките и потоа носење на шалтерите на институциите ќе биде минато. Тој потенцира дека граѓаните на овој начин ќе заштедат добар дел од своите средства бидејќи веќе нема да плаќаат провизии кон банките или поштите и додаде оти услугата ќе ја добијат поефикасно и поефективно со одење само на едно место.
– Втората подмерка значи дека од почетокот на следната година ќе се воспостави систем со кој граѓаните и компаниите ќе може да уплатат за добивање на определена услуга или такса кон институциите со платежна картичка и преку интернет од својот компјутер. Тие ќе треба да ги пополнат податоците, да кажат за која услуга аплицираат, да извршат трансфер и ќе добијат верификационен код, кој би се состоел од повеќе бројки или симболи. Овој код, кој е потребен за добивање на услугите, граѓаните кога ќе одат во институциите ќе го покажат, службеникот ќе го провери и ќе ја изврши услугата за која платиле, рече Ѓорѓиев.
Втората мерка, како што истакна, се однесува на одлуката на Владата значително да се надгради специјализираната веб страна www.opendata.mioa.gov.mk.
– Владата одлучи и ги задолжи институциите до крајот на оваа година, секоја од институциите да ја надгради оваа специјализираната веб страна со најмалку три информации, услуги од јавен карактер кои ги извршува институцијата, рече Ѓорѓиев.
На оваа веб страна сите институции ќе објавуваат информации од јавен карактер важни за граѓаните и компаниите, на пример ќе има список на адвокати кои даваат бесплатна правна помош, список на медијатори, бонитет на туристички агенции, односно кој како ја врши својата работа, потребни документи за апликација за некое право, список на вештаци…
– Она што е значајно со овој проект е можност за негова комерцијализација и рекористење. Од овие податоци информатичките компании ќе може да прават специјализирани апликации од разни области, и истите да ги продаваат на корисниците на мобилната телефонија и мобилните оператори. На овој начин во земјите на ЕУ се прави годишен комерцијален обрт од 60 милијарди евра, што значи дека во Македонија во првиот период може добро да се комерцијализира оваа активност, рече Ѓорѓиев.
Тој потенцира дека Владата особено внимание посветува на развојот и унапредувањето на информатичкото општество.
– Како резултат на инвестициите на Владата на ова поле, учеството на домаќинствата кои имаат пристап до широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства од 43 отсто во 2010 година се зголемува на 58 отсто во 2011 година, што е значително зголемување по обем и по квалификација. Над 85 отсто од компаниите користат интернет и услугите можат да ги добиваат по електронски пат, рече Ѓорѓиев.