„Зимско патување“ е рециталот на македонскиот тенор и амбасадор на културата Благој Нацоски, кој ќе се одржи вечер на големата сцена во Македонската опера и балет.
Благој Нацоски ќе го изведе циклусот „Зимско патување“ од Франц Шуберт, во пијано придружба на Дино Имери и во режија на Дејан Прошев.
„Зимско патување“ содржи 24 соло песни кои Нацоски ќе ги изведе првпат во својата дејност. Toa е последниот циклус кој го напишал Шуберт во неговиот живот. Тој претставува еден од неговите најпознати циклуси и еден од најпознатите циклуси за глас и пијано во цела музичка литература.
– Циклусот првпат ќе биде изведен во Македонија. Досега интегрално никогаш не бил изведен и за мене тоа претставува уште поголема одговорност и задоволство. Се работи за еден маж кој ја изгубил својата љубов и скита во зимски период, наидувајќи на различни случки и на некој начин како да го бара својот пат. Многумина различно го интерпретираат тоа, дали го бара својот пат кон вечниот дом, саканата, својот мир, рече Нацоски на прес-конференција.
Тој потенцира дека во циклусот Шуберт го издигнува пијаното до рамноправност со гласот и додаде оти затоа треба да се нарече дует меѓу глас и пијано.
Нацоски најави дека на 12, 13 и 14 мај годинава ќе изведе три шубертови вечери во Палермо, Италија. Првите две вечери се составени од шубертова програма со оркестар, а третата вечер ќе биде со циклусот „Зимско патување“. Има покана и за фестивал во Савона. На 22 април ќе има концерт во Прага, а сите други продукции ќе бидат во Италија. По рециталот ќе остане во Скопје, каде на понуда на МОБ ќе отпее две различни опери, „Дон Џовани“ и „Севилскиот бербер“. Првпат годинава ќе настапи и на Деновите на македонската музика во април.