Клубот Матица од утре до 31 јануари ќе го организира 17. зимски саем на книга „Книга во секој дом“, кој годинава е збогатен со новиот слоган „Купи и прочитај книга, остави нешто зад себе“.
„Матица“ најави голем избор на книги, за сечиј вкус и по цени за сечиј џеб – белетристика, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, енциклопедии за деца и возрасни, духовна литература, поезија, креативни и друштвени игри…
– Ова е дел од понудата која годинава ќе биде збогатена и од партнерите Делфи и Лагуна од Белград, Парагон и Орион од Лондон, соопшти „Матица“ и посочи дека ќе бидат достапни со цени прилагодени на македонскиот книжевен пазар.
За времетраењето на Саемот ќе има автори-домаќини кои ќе ги презентираат и потпишуваат своите најнови дела. Како што најави „Матица“, на 21 јануари автор-домаќин ќе биде Ана Бунтеска, а следни автори-домаќини ќе бидат: Ксенија Николована (22 јануари), Јелена Бачиќ-Алимпиќ (23 јануари), Јован Илиевски (24 јануари). До 31-ви, автори-домаќини ќе бидат и Зорица Петковска, Евгениј Хоуп, Илина Ведран, Ана Јовковска, Верче Карафилоска….
– И за овој Саем, Клубот Матица останува на традицијата „…и нови, и саемски“, или секој ден по еден нов наслов со саемска цена, а публиката ќе има можност да се насладува на убавите зборови и мисли со најновиот роман од италијанската трилер сензација Донато Каризи „Господар на злото“, „Волци и ангели“ од Сепо Јокинен, „Мрачни тајни“ од Ханс Розенфелд, најновите дела на Неле Нојхаус, Роберт Херис, Линвуд Баркли, Манфреди, Лусинда Рајли, унгарскиот нобеловец Шандор Мараи, скандинавскиот книжевен феномен Кирс Копланд и многу други, соопшти „Матица“.
Во пресрет на Саемот на книга, Дејан Павлевски од „Матица“ изјави дека радува податокот што од година во година бројот на читателската публика се зголемува.
– Од статистичките податоци во изминативе години изразен е зголемениот број на читатели во нашата држава, а радува податокот што сè повеќе млади луѓе ги посетуваат книжарниците и сакаат да имаат книга повеќе во своите домашни библиотеки, рече Павлевски.