„Живот под кирија“ на Албанскиот театар-Скопје премиерно на „Охридско лето“

Од:

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид утревечер ќе биде праизведена претставата „Живот под кирија“ на Албанскиот театар од Скопје. Автор е актерот Рефат Абази, а режисер Италијанецот Лука Кортина. Таа ќе биде петта премиера во драмскиот дел на годинашната програма на фестивалот „Охридско лето“.

„Живот под кирија“ е надреална сатира, приказна за младиот режисер Дин и неговите почетоци во создавањето на еден нов свет, свет во театарот и еден убав театарски живот. Но не оди сè така лесно, тој се соочува со непослушноста на актерите и управата, кои театарот го гледаат како начин за постигнување други цели…

За дејствието во неговото најново остварување, авторот Абази појасни дека се се случува внатре во театарот, во релациите меѓу актерската екипа, управата, во институцијата и сите нејзини пори…

– Тоа е некој мој обид да дадам придонес кон едно поинаквно гледање на работите. Театарот никогаш не нуди решенија, туку отвора погледи, нуди можности за индивидуално толкување на нештата. Се обидов да разработам тема во која реалните луѓе се откажале од вистинскиот живот на сметка на фиктивните ликови односно улогите што ги толкуваат, и потоа протестираат и не дозволуваат конформизам, изјави Абази.

Режисерот Кортина истакна дека како човек и уметник е многу задоволен што има можност да се претстави со своја постановка на таква голема манифестација каква што е „Охридско лето“.

– Во однос на процесот на создавање на оваа претстава мошне сум задоволен од воспоставениот код на разбирање на театарот и тоа истражување, потрага по вистински сценски израз што го работевме со целата екипа. Намерата беше да градиме претстава во која сцената се создава со сите елементи на театарското изразување од текст, музика, игра…Текстот беше збогатен со самото тоа што говори токму за она што ние го правиме во тој процес на поставување на самата претстава, рече Кортина.

Актерот Бесфорт Идризи, кој ја толкува главната улога (режисерот Дин), рече дека проблематиката на односите во театарот во пошироки рамки може да се препознае во релациите што ги има во речиси сите театарски куќи.

– Ликот што го толкувам носи револуционерни идеи за театарот, но за негова несреќа и разочарување уште од првиот ден во работата се соочува со сопки и горчливата реалност, апсурдот што од целиот тој уметнички кадар единствениот кој има сенс за новини во театарот и уметноста има токму бифеџијата во театарската куќа. Со негова помош тој успева некако да се справи со ситуацијата, да изгради професионален однос во куќата, истакна Идризи.

Музиката и звучната матрица за претставата ја изработи „Фолтин“, и е сработена малку поразлично од досега виденото. Произлегува од самата сцена, звучни слики аранжирани да ги следат сите промени што се случуваат на неа.

Најавувајќи ја новата, петта премиера на 53. „Охридско лето“, селекторот на драмскиот дел од програмата Ѓорѓи Јолевски, истакна дека е веселба кога се случува театарска премиера, но кога се работи за праизведба, тоа е големо славење на театарската и уметноста воопшто.

– Се создава нешто ново, нов текст што понатаму ќе има свој живот на сцената, додаде селекторот Јолевски. Почетокот на претставата е во 21 часот и ќе биде обезбеден превод на македонски јазик.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот