Со врачување на Рациновото и на Почесното Рациново признание за 2013 година и со концерт на „Леб и сол“, во Велес синоќа заврши 50. меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби“ посветена на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Признанијата ги добија Илхами Емин и Јон Деаконеску.
– Почестен сум што го добивам ова признание, овде во Македонија, каде поезијата си е дома, посебно во Велес, родниот град на поетот, мислител и патриот Кочо Рацин, каде поезијата продолжува да биде празник за душата за секој од нас, истакна романскиот поет Деаконеску, кому Почесното Рациново признание му е доделено за промоција на македонската литература и култура.
Илхами Емин го доби Рациновото признание за 2013 за романот „Ѕид што оди“. – Ја упатувам мојата најискрена благодарност за добиеното признание и среќен сум што од пристигнатите дела токму моето беше избрано да биде наградено.
Наградата ми е посебно драга бидејќи ми е доделна во Велес, кој после Радовиш е мој втор роден град. Јас често доаѓав на Рациновите средби, а бев пријател со писателот Тихо Најдовски, кој беше еден од основачите на средбите. Ја познавав и велешанката Рахилка Фирфова-Раца, музата на Рацин, и преку неа и дружбата со поетите во Велес мислам дека се дружев и со самиот Рацин, истакна Илхами Емин.
Поетите-учесници и организаторите денеска ќе го посетат Лопушник кај Кичево каде што на денешен ден пред 70 години загинал Кочо Рацин, а потоа ќе настапат на „Литературни ракувања“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Кичево.
Рацин бил роден на 22 декември 1908 во Велес. Основоположник е на современата македонска поезија. Најпознато негово дело е збирката песни „Бели мугри”, објавена во 1939 година во Самобор, Хрватска.