Седумдневната програма на шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, од 20 до 26 јуни, донесе 30 долгометражни и кратки документарни филмови од светската и македонската документаристика.
Покрај ова беа одржани три музички работилници, изложба на фотографии со наслов „Ехо“, повеќе од 40 гости, шест сесии разговори „Под смоквата“, три дебати иницирани од филмови во фестивалската програма, четири премиери на македонски документарни филмови, три вечери со музика изведена во живо во раскошниот амбиент на Куршумли-ан.
Фестивалот го затвори аргентинскиот документарен филм „Танцувајќи со Марија“ со изведба во живо на музиката од филмот, а заедно со композиторот и пијанист Лука Цуит настапија Бојан Илковски (виолина), Симон Поповски (виолина), Марко Виденовиќ (виола), Паскал Краповски (виолончело), Иван Бејков (бас), Катерина Бачевска (флејта) и Тони Китановски (гитара).
Претходно беа реализирани работилниците „Музичко интро“, која донесе шест музички парчиња за воведната секвенца на немиот филм „Човекот со филмска камера“ (1929) од Ѕига Вертов компонирани од Владимир Мартиновски, Мауро де Мартино, Дуке Бојаџиев, Филип Митров, Роботек Горан Роботековски и Михајло Михајловски, потоа Работилницата за ритам која донесе нова музичка подлога за филмот „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година, а на креативната работилница за деца и млади беа произведени многу нови музички инструменти од овошја, зеленчуци и други природни материјали.
Наградата „Кромид“ за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма ја доби документарниот филм „Погледот на тишината“ од Џошуа Опенхајмер.
Комисијата во состав Томас Балмеш, Лејла Дедиќ и Едоардо Фракија го состави следното образложение:
„Апсолутно режисерско ремекдело – фантастична камера, приказна, монтажа, кастинг и драматургија. Филмот ги исполнува сите критериуми за документарен филм и поседува огромна трансформативна моќ која може да направи многу не само за индонезиското општество, туку и за општеството во една поширока смисла на зборот.“
Режисерот Џошуа Опенхајмер испрати порака со која изрази благодарност до екипата, публиката и комисијата за доделување на наградата на фестивалот „МакеДокс“.
„Навистина сум почестен од ова признание. Точно пред 50 години започна индонезискиот геноцид и, за жал, ужасно е што сѐ уште трае. Угнетувачите сѐ уште имаат моќ низ земјата и ги плашат луѓето низ Индонезија. Неодамна двеста возрасни преживеани беа нападнати од разбојници додека се обидуваа да ги комеморираат ужасите. Независно од тоа уште колку треба да се направи, јас сум горд што нашите два филма ’Чинот на убивање‘ и ’Погледот на тишината‘ поттикнаа народна дебата која говореше за страшната историја – место каде царува тишината“, истакна во својата порака Џошуа Опенхајмер.
Имајќи ја предвид одличната филмска селекција, жирито одлучи да му оддаде Посебно признание на филмот „Спартанци“ на Никола Вадимов: „Филмот е пример за одлична режија и монтажа. Ни прикажува добро избран главен карактер и заедница која најчесто е претставена како негативна и проблематична. Филмот дава надеж и ги руши овие стереотипи.“
Наградата ја прими монтажерот на филмот Жан-Даниел Шнајдер, кој беше гостин на фестивалот „МакеДокс“.
Комисијата во состав Бурхан Ѓун, Ева Стефани и Пабло Ферро Живановиќ, едногласно го избра „Танцувајќи со Марија“ како најзаслужен филм за наградата „Млад Кромид“.
„Наградата се доделува поради силната визуелна експресија која ја прикажа уметноста на танцот, музиката и филмот сплотувајќи ги и креирајќи еден свет паралелен со оној на авторот. Овој свет нам ни беше успешно доловен, делувајќи реалистично и мистично во исто време“, образложи жирито за наградата „Млад кромид“.
Наградата ја примија композиторот и пијанист Лука Цуит и продуцентот Миха Чернец, притоа изразувајќи благодарност за гостопримството и прекрасните моменти поминати на „МакеДокс“ со потсетување дека дел од музиката за филмот е снимен во Скопје.
Наградата „Кокарче“, според одлуката на младото жири, ја доби „Во подрумот“ на Улрих Зајдл. Комисијата во состав Ана Алексовска, Илија Цветковски и Иван Ивановски образложи:
„Документарниот филм ’Во подрумот‘ има сугестивна и гласна кинематографија која преку боја и композиција воспоставува однос помеѓу темата и карактерите. Така, нарацијата станува визуелна и секој кадар е како едно визуелно хаику набиено со став и емоција. Бизарноста на нагоните и потсвеста која човекот ја крие во подрумите на својата психа, карактерите во филмот ја реализираат во подрумите на своите домови и се чини дека токму поради тој филтер тие и опстојуваат. Прикажувајќи ги своите карактери како гротеска, режисерот ги поместува маргините на она за коешто е прифатливо да се зборува надвор од темната засолнетост на општествените подруми, а со имагинативното користење на филмскиот јазик тој ја поместува границата на документарното со играното, со што повикува на медитација за насоката кон која се движи документарниот филмски дискурс.“
Во име на режисерот наградата ја прими Надица Боцевска, претставник на австриската амбасада во Македонија.
Комисијата во состав Дамир Никшиќ, Миха Задникар и Елена Христова ја додели Награда за филм со најдобри етички идеи на „Семејна работа“ од Ангелики Аристоменопулу со следното образложение:
„Користејќи го јазикот на музиката, филмот на суптилен и ненасилен начин нè вовлекува длабоко во структурата на едно семејство. Тоа, преку музичките елементи, ги пронаоѓа беспрекорната дисциплина и колективната одговорност кон традицијата. Станува збор за традиција која не заробува, туку ослободува и е секогаш одново модерна и космополитска, лишена од непотребен идентитет, мистицизам, возвишеност. Ова е моќно патување во височините на медитеранскиот Крит и во ширината на океанскиот Мелбурн. Портретот на Псарантонис е вонјазичен елемент, ритам кој доаѓа со повлекување и еруптира поставувајќи се пред колективот. Тоа е ритамот на филмот што нè вози.“
Авторката на филмот Ангелики Аристоменопулу во овој период снима нов филм на островот Самотраки и не можеше да дојде на „МакеДикс“, но испрати порака со благодарност за наградата.
„Филмот беше вистински благослов за мене, а истовремено и предизвикувачко искуство поврзано со човечките релации. Не е едноставно да влезете во нечиј дом и во неговиот личен живот со комплетна филмска екипа и за тоа беа потребни време и многу напор да се изгради меѓусебна доверба. Сега, откако филмот го живее својот живот, се чувствувам горда на него, но уште повеќе сум среќна што семејството Ксилурис ме прими во нивниот дом и ми даде можност да ја поврзам нивната музика со моќната критска музичка традиција и со убавината на островот Крит“, напиша Ангелики Аристоменопулу во својата порака.
Во нејзино име наградата ја подигна претставник од Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група доку-љубители, „МакеДокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.
Фестивалот „МакеДокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Агенцијата за филм на РМ и Делегацијата на ЕУ во Скопје.