Со омаж за големиот македонски поет Матеја Матевски и промоција на книгата „Дождови“ завршија годинашните 46 „Караманови поетски средби“, на кои Европската награда за поезија „Ацо Караманов“ ја доби светски познатиот поет, Шпанецот Хусто Хорхе Падрон.
За книгата „Дождови“ на Матевски зборуваше авторот на изборот и поговорот, поетот Раде Силјан, а излагање за македонскиот поет имаше и добитникот на наградата, Хусто Хорхе Падрон.
Вчера се одржа и промоцијата на наградената книга „Електронска крв“ од Даниела Андоновска Трајковска, која ја доби наградата за најдобра книга од македонски автор.
Синоќа се одржаа и поетски меридијани за младите поети, кои се сретнаа со поетите од Шпанија, Полска, Турција, Монголија, Хрватска, Србија и Црна Гора.