Деведесет проценти од градежните работи за целосна реконструкција на Домот на култура во село Кучково се завршени, информираат од општина „Ѓорче Петров“.
– Со реконструкцијата, која ќе чини 5 милиони денари, Домот ќе добие нова сала за состаноци, простории за амбуланта со чекална, канцеларија за месната заедница и два санитарни чвора. Поставени се нови прозори и врати, под и кровна конструкција. Воведена е комплетно нова водоводна и електрична мрежа. Градежните работи ги изведува „Свеан инвест ДОО Скопје“, соопштуваат од општината.
Оттаму потсетуваат дека Домот во Кучково беше опожарен во 2003 година и долги години на него не биле преземени никакви градежни зафати.
– Со реконструкцијата кучковци ќе добијат современ објект каде што во иднина ќе можат да се организираат разни средби и културни настани, а пред се граѓаните ќе можат да се дружат. Се очекува деновиве да се сработат преостанатите работи околу партерното уредување , а домот треба да биде пуштен во употреба во втората половина од месец септември, велат од општината „Ѓорче Петров“.