Во Музеј на Град Скопје вечер во рамки на „Скопско лето“ завршен концерт ќе имаат учесниците на семинарот за виолина, кој во 2009 година го возобновија познатите виолинисти и музички педагози Ана и Олег Кондратенко.
Концертот се одржува во соработка со Музичка младина на Македонија. За семинарот по виолина, кој е наменет за различни возрасти и кој седум години го раководат Кондратенко, има голем интерес од млади виолинисти од Македонија и од странство. Мајсторската виолинистичка школа до пред четири години се одржуваше во Охрид, а сега во Скопје.
– За резултатите на овој семинар – мајсторска школа, зборуваат и мошне квалитетните завршни концерти на кои настапуваат не само млади музичари – во почетоци на своето музичко образование, туку и веќе оформени и пред крај на своето школување виолинисти, кои ја презентираат македонската култура во земјата и во странство. Бројот и квалитетот на учесниците на овој семинар низ минатите пет години ги оправда очекувањата како успешен и делотворен, информира „Скопско лето“.