Второто издание на Школата на креативен документарен филм „АКТив“ почнува денеска во Призрен, Косово, а во нејзината работа учествуваат млади автори и авторки од Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и од Србија.
Школата „АКТив #2“ е продолжение на разновидната образовна програма која ги поттикнува младите луѓе да моќта на сликата ја користат во своите средби со општествената реалност. Школата ќе трае до 10 септември 2015 година, а целокупниот филмски процес, почнувајќи од креативното пишување и развојот на идеите, сѐ до монтажата и постпродукцијата, на младите луѓе ќе им ги откриваат тутори и туторки од целиот свет.
Со младите филмаџии и филмаџики ќе работат Андре Гил Мата од Португалија, Гиљермо Карерас-Канди од Шпанија, Јелена Максимовиќ од Србија, Каори Ода од Јапонија, Кумјана Новакова од Македонија/БиХ, Лудовика Фалес од Италија и Сунчица Фраделиќ од Хрватска.
Координатори на проектот се Елма Селман од БиХ, Ерол Билибани од Косово и Киријана А. Николовска од Македонија.
Основана во 2013 година, Школата на креативен документарен филм „АКТив“ е регионална иницијатива на водечките фестивали на креативен документарен филм на територијата на Балканот кои сакаат сопствените искуства и знаење да ги поделат со млади автори и авторки со изразен интерес за документарниот филм. „АКТив“ се одржува со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон, САД.