За „Нов културен бран“ досега пристигнати 190 пријави, одобрени 52

Од:

На првиот повик од конкурсот за манифестацијата „Нов културен бран“ се пристигнати 190 пријави, од кои 52 или околу 30 отсто се прифатени, соопшти денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

За овие пријави се распределени шест милиони денари од вкупниот буџет на манифестацијата кој изнесува 10 милиони денари.

Поради тоа што буџетот не е исцрпен, истакна Алаѓозовски, повикот останува отворен.

Осврнувајќи се посебно на транспарентноста, отчетноста и отвореноста како нови стандарди во работењето на Министерството, тој потенцира дека парите за културата треба да се наменат за оние што ја прават културата, за нивните активности, за креативците, а не да се заробуваат во големи, мегаломански проекти.

– Прифатените проекти на првиот повик од конкурсот за „Нов културен бран“ се согласно условите кои се бараа, демократизација и дисперзирање на културата од главниот град насекаде во државата. Токму и најголем број од активностите не се само низ градовите Демир Хисар, Македонски Брод, Куманово, Гостивар, Тетово, Пехчево, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид,…, туку се и во помалите места како Кривогаштани, Могила, Новаци, Ростуше, Небрегово, Лесново…, информира претседателката на Комисијата која ги разгледува пристигнатите апликации Христина Ивановска Чаловска.

Најголем број од носителите на проектите се невладини организации, неформални групи, автори од културата и претставници од независниот културен сектор. Опфатени се сите области на уметничкото творештво: ликовна, музичко-сценска, литературна, театарска, фолклорна,…, преку самостојни и групни изложби, солистички и камерни концерти, етно, фолклорни, рок и џез концерти, претстави, фестивали, хепенинзи, перформанси, работилници, дебати, промоции на книги, литературни читања,…

– Локациите на нивното одржување ќе бидат во установите на културата, центри за култура, музеи, галерии,…, но и други јавни и алтернативни простори, градски паркови, плоштади, платоа, напуштени објкти, училишта, општински кино сали, амами, цркви, џез клубови и кафеани, дополни Ивановска Чаловска.

Според неа, при разгледувањето на прокети се внимавало да бидат опфатени сите етнички групи, содржините да се достапни на различни категории гледачи, од деца до возрасни, како и да се поддржат и ранливи и маргинализирани групи граѓани.

Листата на поддржани проекти и висината на одобрените средства за секоја пријава посебно, ќе бидат објавени и достапни до јавноста што досега не беше редовна пракса на Министерството, а се покажа и како нужно во градењето демократско општество, подвлече Ивановска Чаловска.

Министерот Алаѓозовски на почетокот на прес-конференцијата нагласи дека за разлика од досегашниот дизајн на конкурсот кога право за „Нов културен бран“ аплицираа само општините, сега конкурсот е отворен за многу поширок круг апликанти: невладини организации, граѓански здруженија, формални и неформални иницијативи, групи на уметници и индивидуалци.

Максимално се олеснети и процедурите за аплицирање, со што, додаде, е овозможен пристап и за оние уметници и културни работници кои не се многу вешти во пишувањето проектни апликации.

– Ветивме дека ќе воведеме нови стандарди на работење, транспарентност, отчетност, непристрасност и ефикасност на сите фактори во системот на култура, особено на националните и другите јавни институции, Ветивме дека ќе ја гарантираме автономијата во изборот на програмите и проектите и дека ќе воспоставиме практика, секоја одлука да биде изведена врз јасни критериуми и да биде образложена. Токму со Новиот културен бран во пракса го демонстрираме овие наши зацртани цели. Членовите на формираната Комисија за оценка на пријавите работење целосно автономно без какви било обиди за вмешување или влијание, напомена Алаѓозовски, изразувајќи задоволство од работата на Комисијата.

Првиот повик на конкурсот за „Нов културен бран“ беше објавен на 31 јули и траеше до 14 август, но бидејќи буџетските средства за манифестацијата не се исцрпени, од 16 август повикот е практично продолжен.

Според министерот, иако вкупниот буџет за манифестацијата е 10 милиони денари, се очекуваат дополнителни средства од спонзори и донации. Оние проекти, пак, што ќе бидат оценети како добри, а ако се потрошат парите нема да можат да се покријат, ќе бидат упатени на следните конкурси од Годинашната програма, што ќе се распишуваат од октомври.

Би можело да ве интересира

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Концертот на Мариа Мендеш ќе се одржи и ќе биде со хуманитарна цел

Премиера на детската театaрска претстава „Плашливиот Лав“

Предраг Петровиќ

Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ